Во Модерна галерија + Музеј на современа уметност Метелкова во Љубљана, деновиве беше отворена изложбата „Ткаење светови: Колекции во разговор“ со уметнички дела од 87 автори од колекцијата на Музејот на современата уметност во Скопје (МСУ).
Изложбата ја отворија директорите на двата музеја, Мартина Вовк и Тихомир Топузовски, а присуствуваа и кураторите: Ивана Васева, Благоја Варошанец, Ива Димовски, Владимир Јанчевски и Бојана Пишкур.
„Соработката со МСУ е уште една можност за ткаење на заеднички патеки во современата уметност, засновани на заеднички идеали. Меѓу нив, особено значаен е идеалот за солидарност, кој е единствената солидна валута на нашата иднина и е веќе реализиран преку колекциите од оваа изложба“, рече Вовк на отворањето.
Топузовски во своето обраќање го истакна потенцијалот на соработката меѓу двете институции. „Оваа изложба е основа од која ќе произлезат многу други заеднички проекти. Иако двата музеја имаат различни истории, тематски и концептуално – тие се поврзани“, рече тој.
Изложбата „Ткаење светови: Колекции во разговор“ е конципирана како конструктивен дијалог помеѓу две специфични колекции – колекцијата на солидарноста на МСУ-Скопје и колекцијата „Артист 2000+“ и националната колекција на Модерна галерија – Љубљана. Се фокусира на еманципацијата на уметничките медиуми, истражувајќи го односот помеѓу културата и природата, додека критички се осврнува на горливите еколошки прашања од времето на Капиталоценот.
„Вака селектирана и поставена, изложбата отвора процеп за создавање поинаков свет помеѓу западноцентричниот светоглед и специфичниот поглед кон локалните тенденции наспроти дела кои реферираат на поднебјето кое ги изртило и каде има континуитет на изработка. Тука се делата на наивната уметност и природните материјали кои изобилуваат, земја, сено, ливадско цвеќе, но вклучени се и фотографии од документирани акции во природа и критички настроени инсталации кон екстракцијата и уништувањето на природата“, велат кураторите.
Следен во низата заеднички проекти е презентација на дела од колекцијата „Arteast 2000+“ и национални збирки на љубљанската Модерната галерија во МСУ во Скопје. Предвидено е изложбата да биде отворена наесен.