Праменка овчеполка e автохтона раса на овци која се одгледува единствено во Македонија. Овчеполката е многу стара раса се смета дека потекнува пред 3-4 илјади години, односно уште во римско време, дури пред Христа. Во Македонија во 2007 година имало од 1.500 до 2.000 грла, а сега има од 9 до 10 илјади грла овци. Најмногу се адаптирале во овчеполскиот регион и затоа го добила името овчеполка, а и Овче Поле го добило името по оваа овца.
Здружението на одгледувачи на домашната автохтона раса овци „Праменка овчеполка“ во Македонија е формирано во 2007 година кога броело 6, а сега има 48 члена, кои истовремено се одгледувачи на оваа ретка раса.
Претседателот на Здружението, Моме Младеновски, вели дека пораката „јас ве хранев, јас ве облекував, ви ја чував природата, дозволете ми да преживеам“ е мотото кое го води него и Здружението во борбата за зачувување на оваа автохтона раса, која е многу ретка и се одгледува единствено во Македонија.
-Оваа овца е наше културно и национално богатство и е нашиот идентитет. Народот тука опстанал со овците. Пред 50-60 милиони години во Македонија имало 2,5 милиони овци од кои најголем дел биле овчеполки. Во народот е позната како модерна дама со рејбан очила и црни потпетици. Таа е калеша овца и околу очите има црни кругови, носот и чапонките ѝ се црни. Освен оваа раса во Македонија има уште два соја кои исто така се многу ретки – шарпланински и каракачански. Шарпланинската е целосно бела и од неа има две стада во Тетово и Ресен, а Каракачанската целосно црна овца и од неа има две стада во Македонска Каменица и во Куманово. Овие раси ги пронајдовме минатата година и работиме на нивна заштита, вели Младеновски.
Тој вели дека освен Здружението за заштита на оваа раса има и здружение „Еко Овчеполка“ преку кое го заштитивме јагнешкото месо од оваа сорта под називот „Македонско јагнешко од праменка овчеполка“.
-Месото кое се добива од оваа сорта е едно од највкусните меса и има елаборат кој ги содржи стандардите за јагнешко месо. Месото го носевме на дегустации во Италија, Хрватска, Словенија, Босна и Херцеговина…Познавачите го оценија оваа месо како екстра класа со највисок квалитет и најдобар вкус. Кај Овчеполката јагнето цица 50 дена и кога ќе стигне од 18 до 22 килограми се коле и се добива 10 до 11 килограми чисто месо. Од оваа раса се добива 12 до 15 килограми зрело традиционално сирење кое е заштитено под називот „Македонско традиционално сирење од праменка овчеполка. Ова сирење се произведува по традиционална рецептура, по молзењето млекото се потсирува на температура од 32 до 33 степени, потоа се саламури и се става во канта да зрее 90 дена. Кога ќе поминат 90 дена се вршат лабораториски анализи и потоа оди на продажба, објаснува нашиот соговорник.
Според европската ранг-листа ова сирење е меѓу трите најдобри сирења во Европа. Целта на Здружението е и јагнето и сирењето да ги заштитиме на европско ниво така кога ќе се продава сирењето во Италија ќе пишува – македонско јагнешко од праменка овчеполка со бар-код и категорија на месо. Ова е за 30 до 40 отсто поскапо од другото јагнешко месо, а со оглед на тоа дека многу е квалитетно целта е да се направи деликатес.
-Оваа сорта, бидејќи ја има само во Македонија може да биде интересна и за туристите, за развој на фармерски туризам. Идејата е во наредните години на овие овчарски стопанства да отвориме традиционален туризам со подготовка на јагнешко месо на традиционален начин – во фурна, под вршник, на ражен и ајдучки начин во кожа, вели Младеновски.
Здружението во соработка со Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство изработи Закон за зоотехника, матично книговодство и следење на генетски развој. Има и одгледувачка десетгодишна програма одобрена од Совет за сточарство на Македонија. Согласно програмата со секој член има потпишано договор за начинот на одгледување. Од секоја овца се земаат проби млеко трипати годишно и се контролираат квалитетот и количината. Се врши селекција и за приплод се оставаат најмлечните и најубавите овци.
За одгледување на Праменка овчеполка државата дава дополнителни субвенции од 800 денари, за шарпланинка – 7.000 денари и за каракачанка – 7.000 денари.
Според Младеновски, за развојот на македонското сточарство мора да се преземат сериозни, континуирани чекори – водење матична евиденција, воспоставување репроцентри, воведување стандарди за одржливост, брендирање на сирењето и кашкавалот, промоција на фармското производство директно на терен (луѓето наместо во град, да купуваат од фарма), организирање и лобирање… Особено важно е да се потенцира, свеста за генетската разновидност.
(А.С.)