Кој вртел на бројот на Вања од мобилниот на братот на Палчо?

785

Судскиот процес за убиството на 14-годишната Вања и на велешанецот Панче Жежовски е во завршна фаза од испрашувањето на сведоците, на предлог од Обвинителството.

Денеска, во големата судница на Кривичниот суд, сведочеа полициски инспектори. На прашањето на обвинителката дали инспекторот забележал дали некој од присутните во куќата токму тогаш ѕвонел на телефонот на девојчето Вања, инспекторот рече дека тој и неговите колеги не забележале дека некој од присутните остварил телефонски повик.

Претресот бил извршен на 3 декември минатата година, поточно кога беа пронајдени телата на Вања и на Панче. Од дополнителните прашања од одбраната се сфати дека бил извршен ваков телефонски повик од телефонот на братот на Палевски, но сведокот неколку пати повтори дека не забележале да се јавува некој. Тој појасни дека во текот на истрагата, за истата околност биле повикани во Обвинителството, но дека и таму го кажал истото.

Забележале само дека братот на Палевски свртел на адвокат. Истото го потврди и другиот полициски инспектор. Првообвинетиот Палевски, пак, приговараше на сведочењата на инспекторите.

– Оштетеното дете Вања Ѓорчевска, во моментот на претресот, е веќе пет дена убиено. Ниту мојот брат ниту мојата мајка имале или знаеле број од детето. Невозможно е да вртеле во моментот кога им се одземени телефони, а истиот податок е наведен во телефонската анализа. Просечно интелигентен човек знае дека кога ќе влезе да врши претрес, полицијата ѕвони на бројот на исчезнатото лице за случајно да не заѕвони бројот. Од Обвинителството ниеднаш не го прашаа брат ми зошто е вртено на бројот на Вања од неговиот број, ниту го повикаа за сведок – реагираше на сведочењата обвинетиот Палевски.

Судењето продолжува на 20 декември, со изведување материјални докази од обвинението. (П.А.)