Универзитетското студентско собрание при УКИМ испрати јавно извинување до сите членови на академската заедница во однос на говорите на министерката за образование и наука, Весна Јаневска, и ректорката Билјана Ангелова. Факултетското студентско собрание на Филозофскиот факултет соопшти дека им изгласало недоверба на делегатите на Студентското собрание и најави пленумско самоорганизирање во рамките на Независното студентско собрание

 

Бранувања и изрази на незадоволството се појавија во редовите на студентските организации во рамките на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“, по завчерашниот собир во спомен на настраданите во пожарот во Кочани. На собирот во кампусот насловен „Заеднички час“ присуствуваа неколку илјади студенти, а се обратија само министерката за образование и наука, Весна Јаневска, и ректорката Билјана Ангелова, како единствени говорници. Јаневска и Ангелова зборуваа за ненадоместливата загуба на млади животи и за потребата да им се помогне на семејствата на жртвите. Но, по собирот, во јавноста се појавија реакции со изрази на незадоволство, поради тоа што на масовниот студентски собир не се обрати ниту еден претставник на студентите. Претседателот на Универзитетското студентско собрание Александар Николовски, се обрати само во еден момент со порака дека „собирот е да се искаже почит, а не да се протестира“ откако меѓу присутните студенти се случија спорадични извици откако мораше да им се укаже медицинска помош на тројца студенти.

По собирот, УСС на УКИМ упати извинување до студентите во однос на говорите на собирот.

– Универзитетското студентско собрание при УКИМ испраќа јавно извинување до сите членови на академската заедница во однос на чинот на говори на денешниот настан. Ова е права наша организација од овој тип и се молиме да биде последна. Ги прифаќаме сите критики за овој и за секој нареден настан, а и ние самите ги увидовме. На наредните собири нема да има никакви обраќања – стои во реакцијата на УСС УКИМ.

По ова, денеска Факултетското студентско собрание на Филозофскиот факултет при УКИМ соопшти дека им изгласало недоверба на делегатите на УСС УКИМ.

– Експериментот со УСС заврши, студентите на УКИМ ќе се самоорганизираат пленумски. Тоа за што се бореа пред деценија, студентите никогаш не го добија. Место автентично претставување на студентскиот интерес, го добивме зависниот бирократски лавиринт наречен УСС на УКИМ. Студентите не можат да имаат претставнички тела контролирани од власта и од партиите. Независното студентско собрание на УКИМ е хоризонтална самоорганизација на сите студенти на УКИМ. Ова е наш универзитет! – се наведува во соопштението на студентите од Филозофскиот факултет.

Врзано со ова соопштение, на социјалните мрежи се појавија коментари дека влијание на ваквата одлука на ФСС на Филозофскиот факултет имала една опозициска партија.

Претходно, организацијата „Студентски отпор“ соопшти дека на собирот во кампусот на УКИМ се сведочело за груба злоупотреба на болката и тагата на граѓаните од страна на институциите.

– Место 7-минутен молк и достоинствено оддавање почит, како што бараа студентите, ректорката на УКИМ, Билјана Ангелова, и министерката за образование и наука, Весна Јаневска, одлучија да држат говори. Ова се случи и покрај јасниот притисок од студентите да не се користи ваквиот трагичен момент за говори и за политичка самопромоција. Го осудуваме ова однесување и бараме одговорност од институциите. Бараме идните комеморативни настани да се организираат со вистинска почит и достоинство, без политичка инструментализација. Жртвите заслужуваат повеќе, а студентите нема да дозволат да се користи нивната болка за нечии ПР-поени. Официјалните тела за студентска репрезентација не смеат да го амортизираат гневот на студентите. Доколку се обидат да го сторат тоа, „Студентски отпор“ ќе ги поведе студентите во борба за вистинско застапување на нивните интереси – соопшти оваа организација.

Реагираше и Младинскиот образовен форум, од каде што соопштија дека платото на УКИМ е место каде што се борат студентите за своите права и идеали. Платото на УКИМ, најголемиот универзитет во земјава, со децении претставува свет простор на студентските мисла и отпор. По повод трагедијата во Кочани, студентите повторно се собраа на ова плато да изразат болка, револт и солидарност. Но, место да бидат чуени, нивните гласови беа замолчувани од оние што треба да ги застапуваат – велат од Младинскиот образовен форум.

Тие додаваат дека да си студентски лидер значи многу повеќе од формална функција или титула и тоа значи да бидеш гласот на илјадници млади луѓе што ти ја дале својата доверба.

– Ви се обраќаме вам, студентските претставници! Вие не сте таму заради популарност, а ниту заради министрите, ниту заради ректорите или политичарите. Вашето место не е во нивна сенка, туку во првите редови на студентската борба! Историјата нè учи дека секогаш кога биле независни од политиката, студентските движења постигнувале значајни победи. Собирот не смееше и ниту еден нареден не смее да биде политизиран. Студентите не може и не смее да бидат предмет на калкулации или интереси. Денес, повеќе од кога било, е јасно дека ова тело мора повторно да биде она што беше замислено – независен глас, кој ќе им биде верен само на студентските идеали – порачаа од Младинскиот образовен форум.

Универзитетското студентско собрание на УКИМ неодамна најави одржување собири во спомен на загинатите во Кочани, во текот на целава недела, пред одредени факултети. (Б. Ѓ.)

Без говори при оддавањето почит во кампусот на техничките факултети

На жртвите од кочанската трагедија им се оддаде почит во кампусот на техничките факултети на УКИМ во Скопје.

Повеќе стотици студенти се собраа денеска на платото пред факултетите, каде што полагаа букети свежи цвеќиња и палеа свеќи во спомен на загинатите.

Чествувањето се одржа во тивка атмосфера и без ничие обраќање.

ИЗДВОЕНИ