Кој ќе го преземе водството на Хамас по убиството на Јахја Синвар?

32

Исламското движење Хамас, откако израелската армија го уби нивниот водач Јахја Синвар, привремено ќе го води комитет со седиште во Катар додека не се избере неговиот наследник, тврдат два извори во движењето.

„Раководството на Хамас смета дека е несоодветно да се назначи наследник на починатиот лидер, маченикот Јахја Синвар, пред претстојните избори на движењето закажани за март, доколку условите дозволат“, изјави извор од Хамас за АФП.

Комитетот ќе го сочинуваат Калил ал-Хаија, Калед Мешал, Захер Џабарин, Мухамед Дарвиш, шеф на Советот на Шурата и петто лице чиј идентитет не се открива.

Официјалното лице посочи дека Калил ал-Хаија ја презел одговорноста за повеќето политички и надворешни работи, покрај неговиот директен надзор над работите поврзани со Газа и е ефективно вршител на должноста шеф на движењето, пишува Би-Би-Си.

Друг извор од Хамас изјави дека се разгледувала опцијата за именување политички лидер чиј идентитет ќе биде скриен, но таа опција на крајот била отфрлена.

Израелската војска во четвртокот ја потврди смртта на Јахја Синвар, кој стана лидер на Хамас по атентатот на Исмаил Ханија во Иран во јули, а беше убиен во јужниот дел на Газа.