Кој ќе победи на суд, а кој на избори?

131

Во Македонија, две недели пред претседателските избори, засилено се испраќаат клучни пораки кон граѓаните, но се заоструваат и вербалните судири меѓу најголемите партии од власта и од опозицијата, за прашања поврзани со наводни тајни служби, лажни анкети и фалсификувани документи во изборни цели. Во средиштето на дел од аферите се споменуваат и имиња на претседателски кандидати, како и на претседателот на Државната изборна комисија, Александар Даштевски.

Обвинувањата што си ги упатуваат партиите создаваат збунетост во јавноста за тоа што е вистина, а што лажна вест, а дел од дилемите ќе се решаваат и на суд. Но препукувањата меѓу партиите не престануваат.  

Па така критиките што неколку денови по ред ги упатуваат од опозициската ВМРО-ДПМНЕ се однесуваат на прашања поврзани со претседателскиот кандидат на СДСМ, Стево Пендаровски, кој ѝ е главен ривал на нивната кандидатка, Гордана Силјановска-Давкова, во претстојната трка за шеф на државата. Оттаму обвинија дека Пендаровски, имал „тим управуван од Асаф Еисин од израелската група на Тал Ханан и дека тимот на Пендаровски управуван од Еисин развил шема за фалсификување документи и лажни вести во изборни цели на СДСМ.

Во врска со документите за наводно креирање на лажни вести, кои се во фокусот на предизборните препукувања меѓу ривалските партии, денеска повторно прес-конфренција одржа портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски, кој рече дека во Македонија можеби се одвива најтежок заговор против изборите со можна злоупотреба на најмалку две високи државни институции – Претседател на држава и Агенцијата за разузнавање

Претходно тимот за комуникации на Пендаровски, остро ги демантираше овие наводи и најави тужба за клевета. Оттаму повикаа Јавното обвинителство да ги испита сите наводи изнесени во медиумите во врска со овој случај

И од власта обвинуваат дека опозицијата креира црна кампања и наводни лажни анкети и тврдат дека функцијата ја злоупотребил и претседателот на ДИК, Александар Даштевски

 СДСМ побара да се испита улогата на претседателот на ДИК, Александар Даштевски, затоа што во документите, кои ВМРО-ДПМНЕ ги оспорува како фалсификат, го има и името на Даштевски во врска со неопределените гласачи.

-Соработка при предизборни активности на партија од страна на претседателот на ДИК е неспоива во неговата функција и улогата на државната изборна комисија при спроведување на фер и демократски избори. Ова е потенцијално кривично дело, што се заканува да фрли дамка на почетокот на изборен процес, соопштија деновиве од СДСМ.

Веќе неколку денови не е расчистена дилемата дали документот кој го објави СДСМ, а во кој е наведено дека ВМРО-ДПМНЕ има цела мрежа за нарачани анкети кои наводно биле презентирани на јавниот сервис, како и таканаречени дувла за креирање лажни вести е вистинит или фалсификат. ВМРО-ДПМНЕ тврди дека таков документ никогаш не изработиле, а дека потписите на нивните членови кои беа презентирани под наводните активности се фалсификувани.

Во меѓувреме претседателскиот кандидат на опозициската ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, Гордана Сиљановска Давкова досега не излезе со најава за тужба против некој од политичките субјекти, но таа пак деновиве го поднесе првиот приговор за кршење на изборните правила. Според приговорот на Сиљановска, Академијата за судии и јавни обвинители (АСЈО), спротивно на Изборниот законик, засновала работен однос со кандидатите кои ја посетуваат обуката за судии и јавни обвинители. 

Според Законот за спречување на корупцијата, Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК)  најдоцна во вторник, 9 април треба да закаже јавна седница на која ќе постапи по приговорот од Силјановска Давкова и да донесе соодветна одлука.

Како и да е нема ден во кој партиите не излегуваат со препукувања поврзани и со активности и на нивните претседателски кандидати.

Актуелниот претседател на државата и кандидат за втор мандат на функцијата, поддржан од СДСM, Стево Пендаровски, викендов на митинг во Кичево ги повика присутните да се качат на бината и да застанат покрај него.

Со овој гест, тој, ѝ одговори на главната опозициска партија (ВМРО-ДПМНЕ), за нејзините прозивки дека во настапите од претседателската кампања е сам, без да биде придружуван од раководството на партијата, која застана зад неговата кандидатура.

М.С.