Кој ќе ги ора државните ниви кога во Македонија веќе нема земјоделци?

Министерот за земјоделство Цветан Трипуновски најави дека ќе спроведува строги контроли за тоа како се користи државното земјоделско земјиште. Земјоделците сметаат дека оваа мерка е задоцнета, бидејќи на најплодните земјоделски површини одамна никнаа фотоволтаици или се користат за производство на биогас. Тие се прашуваат кој ќе ги работи тие површини кога во државата веќе нема земјоделци

1006

Земјоделците сметаат дека најавата за строги контроли за злоупотреба на државното земјиште се задоцнети, бидејќи најплодните земјоделски површини се запоседнати со фотоволтаици и со житни култури за производство на биогас. Тие не знаат ни кој ќе ги обработува тие земјоделски површини, бидејќи дел од младите се иселија, а останатите поради ниските откупни цени не се заинтересирани да се занимаваат со земјоделство.

-Мерката е добра, но сметаме дека е задоцнета, бидејќи имаме драстично намалување на бројот на земјоделци. Поради ниските откупни цени земјоделците не се заинтересирани да инвестираат во земјоделството. Оваа мерка е задоцнета и нема да го зголеми производството на храна. Од друга страна, на најплодните земјоделски површини веќе се поставени фотоволтаици или се користат за садење на житни култури кои се користат за производство на биогас – во Овче Поле и Свети Николе, изјави за весникот ВЕЧЕР, Ѓорѓи Каракашев, претседател на Националната земјоделска мрежа.

Според него, голем дел од површините се одамна запуштени и не може да се користат за производство на земјоделски производи за потребите на населението. Поради тоа, смета дека оваа мерка повеќе има популистички карактер, отколку што вистински ќе помогне за зголемување на производството на храна.

Земјоделците на овој проблем укажаа уште пред две години кога побараа законски измени за да се спречи градењето на фотоволтаични централи на плодно земјиште.

Тие сметаат дека земјава има доволно неплодно и планинско земјиште кое може да се искористи за производство на обновлива енергија, а не да се жртвуваат најдобрите и најплодните земјоделски површини.

-Жално е да се градат фотоволтаици на плодно земјиште, кога на него може да се произведува храна. Земјава има доволно планини каде што постојано пече сонце и каде што дува ветер, па таму може да се градат и фотоволтаици и ветерници. Не е потребно да се користи плодно земјиште за ваква работа, бидејќи тоа е краткорочно решение, кое може да има долгорочни последици за земјоделството во Македонија, сметаат земјоделците.

Министерот за земјоделство, Цветан Трипуновски најави дека ќе следуваат строги контроли за злоупотреба на државното земјоделско земјиште.

-Земјишната политика е клучен елемент во делот ако сакаме да го враќаме производството таму каде што некогаш бевме. Мојата обврска во првите месеци е ревизија на сето она што е поделено како земјоделско земјиште. Ние само сакаме да провериме дали земјоделското земјиште во државна сопственост се работи согласно со тоа за што било побарано да биде користено, појасни министерот.

Тој додаде дека се спроведува акција во делот на контролата на големите корисници, односно кај големите површини коишто се дадени на одредени правни субјекти. За почеток имаше 2 правни субјекти коишто бесправно го користеле земјоделското земјиште, а од друга страна користеле и субвенции.

– Оваа контрола ќе продолжи во наредниот период. Контролата ќе значи ослободување на земјоделското земјиште и истото ќе им биде доделено на вистинските земјоделци – нагласи тој.

Министерот посочи дека нема да дозволи земјоделци фантоми да профитираат на грбот на државата.

Тој додаде дека наредната фаза на распределба на земјиште ќе биде со оглас, со точно дефинирани парцели. Тогаш ќе има парцели не помали од 10 хектари, бидејќи потребно е да се размислува и на окрупнување на земјиштето.

(А.С.)

ИЗДВОЕНИ