Новинар од израелскиот весник „Харец“, Јишаи Халпер, кој ги следи изборите во Германија, денеска за Танјуг оцени дека нов канцелар несомнено ќе биде лидерот на ЦДУ, Фридрих Мерц, а исто така смета дека на германските гласачи и на изборните резултати нема големо влијание од надворешните околности.
– Многумина мислат дека Германците ќе бидат под влијание на она што се случува во светот. Да реагираме на тоа што Американците во Минхен кажаа дека ја напуштаат Европа и се свртуваат кон Русија, на лудорите на Илон Маск, дека сме загрижени за геополитичката ситуација итн. Мислам дека овие работи не допираат до гласачите – рече Халпер.
Според неговото мислење, просечниот Германец нема да гласа поради нешто кажано од потпретседателот на Соединетите Американски Држави или поради НАТО алијансата.
– Единственото нешто што е важно за германскиот гласач е имиграциската политика и економијата. „Можно е оние со повисок степен на образование да ги имаат на ум сите други работи, но имиграцијата и економијата се клучните теми кои ќе го одредат победникот“, рече Халпер.
Како што вели тој, втората важна работа е тоа што, иако Алтернатива за Германија (АФД) нема да биде дел од ниту една коалиција, тие веќе победија бидејќи сите зборуваат за нив, за нивната политичка агенда.
– Приказната за имиграцијата ја ставаат во преден план и сега сите зборуваат само за тоа и многумина го повторуваат она што го посочува АФД. Мислам дека браната против десницата сепак ќе трае, но на следните избори не сум толку сигурен. Се зависи од изборот – изјави Халпер.
На прашањето кој би можел да ја води Германија во следните четири години, Халпер вели дека нема сомнеж дека Фридрих Мерц ќе биде нов канцелар, но, како што вели, прашање е дали ќе му требаат само една или две коалициски партии за да формира влада.
– Интересно е што многумина кои гласаат за Зелените поддржуваат да бидат дел од коалицијата со демохристијаните, само за АФД да не добие значење, но има и такви кои сакаат Зелените да останат опозиција, да останат доследни на принципите – изјави Хапер.
Во Германија во осум часот утринава се отворени избирачките места за вонредни парламентарни избори на кои повеќе од 59 милиони граѓани со право на глас ќе изберат 630 пратеници за новото свикување на Бундестагот, кои ќе имаат мандат од четири години и задача да изберат нов канцелар и влада, јавуваат германските медиуми.
Избирачките места ќе бидат отворени до 18 часот, а веднаш по затворањето ќе бидат објавени резултатите од излезните анкети спроведени на избирачките места, додека првите официјални проекции за резултатите се очекуваат во текот на изборната ноќ.
Меѓу 59 милиони граѓани со право на глас во Германија, околу 2,3 милиони се млади гласачи за прв пат.
Денешните избори се организирани по пропаѓањето на трипартитната коалиција на канцеларот Олаф Шолц, а според анкетите на јавното мислење најмногу поддршка имаат конзервативците.