Последната одлука на Европската Унија со која се разделува Албанија од Македонија во процесот на преговори со Унијата е топ тема за политички препукувања и обвинувања меѓу власта и опозицијата. Албанија на 15 октомври го отвора првиот кластер од преговорите со Европската Унија, а Македонија која не го исполни условот за уставни измени остана пред портите на ЕУ.

Владејачката ВМРО-ДПМНЕ ја обвинува опозициската СДСМ дека се виновни што земјава се најде во исти „кош “ со Албанија и дека дозволи соседот да ја претрка Македонија.

„СДС свесно работат Македонија да биде заглавена почнувајќи од договорите потпишани од (поранешниот премиер Зоран ) Заев, завршувајќи со криминалот и корупцијата кои царуваа седум години со СДС. Радоста на СДС нема да трае, Македонија оди напред“, е наведено во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.

Опозициската СДСМ смета дека за настанатата ситуација виновни се „штетните политики на ВМРО-ДПМНЕ и нивниот лидер Христијан Мицкоски “ со што е загубена европската перспектива. Оттаму велат дека напразни се обидите по „државниот дебалк да ги прават будали македонските граѓани.

„После сите блокади, после сите опструкции, деструкции, кочења, после сите можни изјави на Мицкоски од типот ‘не благодарам’ во ЕУ, денеска ВМРО-ДПМНЕ го обвинува СДСМ. СДСМ ги реши отворените спорови, обезбеди членство во НАТО и ја донесе Македонија пред прагот на ЕУ. ВМРО-ДПМНЕ цело време ги блокираше сите овие процеси, попречувајќи ја европската интеграција на земјата“, е наведено во партиското соопштение.

Од ДУИ, одлуката на Европската унија да ја одвои Албанија од Македонија на нејзиниот пат кон ЕУ, ја нарекуваат неуспех на векот, а за тоа ја обвинуваат ВРЕДИ затоа што, како што велат, потпишале изјава дека Албанците нема да станат дел од владата без уставните измени но излажаа.

„Поразените албански партии потпишаа предизборна декларација со која ветуваа дека никогаш нема да станат дел од влада без промена на Уставот и деблокирање на европскиот пат на земјата. Излажаа. 100 дена сторија скандали кои не уназадија 30 години и ни ја изгубија последната надеж за интеграција во Европската Унија. Вашето отворено постројување кон Русија и Кина е неприфатливо и е спротивно на определбата на граѓаните за партнерство со Соединетите Американски Држави и Европската Унија“, порача ДУИ.

Во врска со ова реагираше Изет Меџити од ВРЕДИ кој преку објава на социјалните мрежи потсети на сите одбивања на ЕУ за Македонија од 2008 до 2020 година, но како што истакна, ДУИ не најде ниту една причини да го напушти Никола Груевски и владините фотелји.

„По 22 години неуспех во евроинтегративниот процес, срамота е да ја обвинувате коалицијата ВРЕДИ дека „потфрлила„ на  патот на интеграциите. Но еј, што е срамот за бесрамниот“, вели Изет Меџити.

Инаку, Македонија останува блокирана на патот кон ЕУ, додека Албанија се очекува наскоро да ги отвори преговарачките поглавја. Македонија останува во чекалната поради уставните измени. Но, дали по францускиот предлог за кој немаше политички консензус, може да се постигне единство меѓу политичките партии за уставни измени со одложено дејство?

Предлогот на премиерот Мицкоски кој верува дека тоа е возможно преку преговори со стабилна политичка влада во Бугарија, според лидерот на опозицијата Венко Филипче е предизборен трик на ВМРО-ДПМНЕ кој од челниците на ЕУ е веќе одбиен и невозможен. И од ДУИ оценуваат дека последната одлука на ЕУ за раздвојување на Македонија и Албанија од европскиот пат е резултат на погрешни политики на актуелната власт. Од ВМРО-ДПМНЕ им одговорија на опозиционерите- токму претходните функционери се виновниците кои сега се апстрахираат од одговорност.