„Кој е следен“: Надлежните да ја отворат документацијата за дискотеката „Пулс“ од 2012 година до денес

45

Транспарентно и целосно да се објави документацијата поврзана со работењето на дискотеката „Пулс“ во Кочани од 2012 година до денес, бара иницијативата „Кој е следен“ која денеска организира собир пред Собранието. Барањето е упатено до МВР, Државниот пазарен инспекторат, Министерството за економија, Државниот градежен инспекторат, Државниот инспекторат за урбанизам, Дирекцијата за заштита и спасување, УЈП, локалната самоуправа во Кочани, локалниот градежен инспекторат и Консултативното тело за безбедност и превенција формирано во Општина Кочани.

Како што беше речено пред собирот, „Кој е следен“ бара и морална одговорност од приватниот сектор, како и коморите на угостители и нивните здруженија да преземат активни мерки за едукација на своите членки за да се справат со проблемите и да ги заштитат гостите, а не да бидат активни само кога треба да се земе финансиска помош од државата или некаква регулација за проширување на нивните тераси или намалување на трошоците за сметка на безбедноста и локалната заедница.

Барање на иницијативата е да се оформи и граѓански сервис „Е инспекторат“ кој ќе овозможи транспарентно работење на сите инспекторати во земјава за секој граѓанин да има увид во тоа кој објект бил подложен на надзор, а кој не. Потребно е, истакнаа од „Кој е следен“, да се инсталира и централен број за проверка на нерегуларности во работењето на инспекторатите, за секој граѓанин да може да пријави нерегуларност и тоа потоа да се распредели до соодветените надлежни институции.

Иницијативата уште еднаш ја отфрли поврзаноста со која било политичка партија во земјава, додека за јавно објавениот фејсбук статус на сестрата на Фросина Кулакова која загина на булеверот „Партизански одреди“ смета дека тоа е право на секој граѓанин. Во врска, пак, со обвинувањата од страна на семејството Кулакови дека „Кој е следен“ сака да злоупотреби нечија смрт, иницијативата потврдува дека се формираше и настана по несреќата кога загина Фросина и дека тоа бил поводот, но причината е нефункционалниот систем на државата во изминатите 35 години.

„Демократијата не прави пауза“, „Кога они одат на одмор платени од нашите пари, ние сме должни да зборуваме“, „Денс сме овде без платени патни трошоци и дневници“, беа само некои од пораките што ги испратија учесниците на собирот.

 

ИЗДВОЕНИ