Пациентите на Онкологија добија ветување од министерот за здравство, Арбен Таравари, дека шесте биолошки лекови што недостигаат, ќе им бидат достапни во текот на оваа недела. Истото го потврди и првиот човек на Фондот за здравствено осигурување, Сашо Клековски, кој изјави дека дефицитот наскоро ќе биде решен, за дел од лековите со донации, а за дел со анекси на договорите во јавните набавки. Недостигот на лекови за пациентите болни од карцином ги продолжи меѓупартиските препукувања, за тоа кој е виновен за дефицитот на биолошка терапија на Онкологија. ВМРО-ДПМНЕ го обвинува поранешниот министер за здравство Венко Филипче, а СДСМ, пак, бара оставки од менаџерите на здравството, на Таравари и на Клековски.
По десетина дена недостиг на лекови за пациентите со карцином, Министерот Таравари вели дека немало дефицит на целата онколошка терапија туку 90 отсто од лековите што се користат како онколошка терапија ја имало во Клиниката за онкологија.
-Недостасува само биолошка терапија и тоа само шест-седум дена. Се надевам дека оваа недела Клиниката за онкологија ќе биде снабдена со биолошка терапија. Ние досега сме имале дури повеќе отколку минатите години биолошка терапија. Меѓутоа, побарувањата од пациентите се многу поголеми, затоа веќе имаме протоколи и конзилиум од доктори, бидејќи навистина е луксузна и не треба да се даде баш секаде, туку таму каде што е индицирано и таму каде што лекарскиот конзилиум ќе одлучи дека треба да се даде биолошка терапија. Уште еднаш да повторам – лекови има, не дека недостигаат сите лекови, и во текот на оваа недела повторно ќе има биолошка терапија на Онкологија, изјави министерот за здравство Таравари.
Најави засилување на медицинскиот кадар на Онкологија, каде што се планира и реорганизација, односно децентрализација во третирањето на пациенти со карцином.
-Интензивно работиме „8 Септември“ набрзо да почне да функционира со цел во Клиниката за онкологија да има помалку пациенти. Штип, Тетово и Битола функционираат. Ние во овој период веќе размислуваме и да се реорганизира Клиниката за онкологија, да функционира слично како Токсикологија. Дирекцијата да биде единствена и директорот да може да ги управува сите подединици кои ќе бидат во градовите каде што може да се подели или да се ординира онколошката терапија. Со тоа ја реализираме нашата цел да има децентрализација и во онкологијата, рече Таравари.
Директорот на ФЗО, Сашо Клековски, најави брза разрешница на проблемот со онколошката терапија.
– Еден дел ќе бидат решени со донации кои ќе се реализираат во текот на неделата, бидејќи лековите се присутни и ги има на залиха во Македонија, дел ќе бидат со анекси на договорите и тоа ќе го расчистиме со јавните набавки. Така што, мислам дека критичните лекови ќе бидат многу брзо достапни, вети Клековски и најави долгорочно решение за дефицитот на лекови за пациентите од Онкологија. Се разгледува како да се скрати времето на дијагностика за, како што рече, „сите тие милиони што ги инвестираме во посебно скапа терапија да имаат некаква смисла“.
-Тоа значи доекипирање на патолошки лаборатории надвор од Скопје, зголемување на капацитетот на ПЕТ-скен, забрзување на постапките. Она што ќе го направиме во терапевтскиот дел е зголемување на основниот буџет за речиси 40-50 проценти, тоа треба да биде одобрено оваа недела. И тоа ќе биде значајно отскокнување, некои од критичните лекови ќе бидат зголемени двапати – од три-три и пол илјади вијали на шест-седум илјади вијали годишно, рече Клековски и најави дел од таблетарната терапија да биде ставена на позитивната листа за да може да се подига надвор од Онкологија, а ќе бараат начин и како дел од биолошката терапија да се доделува надвор од Клиниката за онкологија.
-Ние имаме онколошки одделенија во „8 Септември“, во Штип, Битола и во Тетово, кои во овој момент не третираат со биолошка терапија. Или ќе третираат или нема потреба да имаме онколошки одделенија што не работат. Мислам дека заедно со подобрување на Регистарот на пациенти, за да се обезбеди една предвидливост на промените, ќе ја стабилизираме ситуацијата, изјави Клековски.
Партиите си префрлуваат вина за кризата со лекови на Онкологија
Недостигот на лекови за пациентите болни од карцином ги продолжи меѓупартиските препукувања, за тоа кој е виновен за дефицитот на биолошка терапија на Онкологија. ВМРО-ДПМНЕ го обвинува поранешниот министер за здравство, Венко Филипче, а СДСМ пак бара оставки од менаџерите на здравството, на Таравари и на Клековски.
Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, на прес-конференција тврди дека до Обвинителството ги доставил извештаите за работата на Клиниката за онкологија, за кои Рашела Мизрахи од ВМРО-ДПМНЕ изјави дека досега не постоеле. Филипче, кој во времето на скандалот на Онкологија раководеше со здравството, ги извади записниците од извештаите кои ѝ биле доставени на Анкетната комисија и отфрли одговорност за злоупотребите тогаш и за недостатокот на лекови сега на Клиниката
– Мизрахи, од тогаш па до денес, тврди дека јас имам одговорност во тој случај. Да ја потсетам јавноста, обвинувањето беше дека како тогашен министер за здравство, сум требал да водам сметка за тоа што биле обврски на Министерството за здравство кон Клиниката за онокологија и обратно, а се однесува на редовните шестмесечни извештаи за работата на клиниката и стручните комисии. Сите извештаи добро и уредно пополнети и заверени беа доставени. Дури и во најтешките ковид времиња, кога имаше рестрикции во движења ниту еден онколошки пациент и тоа пациентите го знаат, не беше оставен без терапија, сето тоа било редовно соработувано во министерството за здравство, рече Филипче и побара одговор зошто овие извештаи биле криени.
– Дали е точно дека на барање на истражните органи, овие извештаи не им биле доставени? Ги прашувам директно, дали намерно се криеле извештаите за да ме вовлечат и обвинат во скандалот. Ова е скандал без преседан. Ги доставив до Обвинителството и очекувам да биде анализирано зошто биле криени“, рече Филипче.
Пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ, Рашела Мизрахи, викендов на трибина за здравството објави дека Анкетната комисија формирана за откривање политичка одговорност за скандалот на Онкологија утврдила дека недостигале 6-месечните извештаи на Клиниката.
-Заклучоците од Комисијата се доставени во Обвинителството, а во нив се именувани шест лица на раководни позиции во тој период, за коишто сметавме дека имаат политичка одговорност за скандалот на Онкологија, изјави Мизрахи. Од ВМРО-ДПМНЕ вчера го повикаа Обвинителството да се заинтересира за случувањата на Онкологија.(П.А)