Новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп го избра Кит Келог, пензионираниот генерал-полковник кој му го претстави планот за ставање крај на војната во Украина, за негов специјален пратеник по ова прашање.
„Кит имаше истакната воена и деловна кариера, вклучително и служење на високо чувствителни позиции во националната безбедност во мојата прва администрација“, напиша Трамп во средата на социјалната мрежа Truth Social.
Келог, кој беше шеф на кабинетот на Советот за национална безбедност на Белата куќа за време на мандатот на Трамп во периодот 2017-2021 година и беше советник за национална безбедност на тогашниот потпретседател Мајк Пенс, најверојатно ќе игра централна улога во обидот да се реши конфликтот на неговата нова функција, наведе Ројтерс.
Иако во моментов нема специјален пратеник за војната во Украина, Трамп приватно изрази интерес за создавање на позицијата.
Брзото завршување на војната во Украина беше едно од клучните предизборни ветувања на Трамп, иако тој избегнуваше да разговара како ќе го направи тоа.