Кои се луѓето на Трамп? Маск задолжен за штедење, водителот на Фокс њуз, шеф на Пентагон

30

Извршниот директор на Тесла и Платформата X, Илон Маск, и поранешниот републикански претседателски кандидат Вивек Рамасвами ќе го предводат Одделот за владина ефикасност во администрацијата на новоизбраниот претседател Доналд Трамп.

„Тие двајца исклучителни Американци ќе и помогнат на мојата администрација да ги намали непотребните регулативи и трошоци и да ги реорганизира федералните агенции – што е од клучно значење за движењето „Да ја спасиме Америка“, наведе Трамп во изјавата, пренесе Би-би-си.

За нов министер за одбрана на САД, Трамп го предложи водителот на Фокс њуз и ветеран на американската армија Пит Хегсет, а Централната разузнавачка агенција (ЦИА) ќе ја води поранешниот директор на Националното разузнавање, Џон Ретклиф.

„Пит е тврд, паметен и вистински верник во агендата „Америка на прво место“, рече Трамп во изјавата.

„Со Пит на чело, непријателите на Америка ќе бидат предупредени, нашата војска повторно ќе биде одлична, а Америка никогаш нема да се предаде.

За Ретклиф, поранешен конгресмен од Тексас, Трамп рече дека „отсекогаш бил шампион на вистината и правичноста“.

Гувернерката на Јужна Дакота Кристи Ноем е номинирана за секретар за внатрешна безбедност.

Инвеститорот за недвижнини Стив Виткоф, долгогодишниот партнер на Трамп во голфот и главен финансиер на кампањата, е именуван за специјален пратеник за Блискиот Исток, додека поранешниот гувернер на Арканзас, Мајк Хакаби, ќе биде номиниран за амбасадор во Израел.