Од денеска стартуваше голема акција за чистење на територијата на општина Центар. Екипите на Општина Центар и на општинското јавно претпријатие се мобилизираа и вчераутро ги исчистија јавните површини во населбата Маџир маало кадешто надлежност има Град Скопје.
– Спроведуваме голема акција за чистење на нашата општина. Ја исчистивме населбата Маџир маало кадешто надлежност има градот Скопје. Тука долго време сметот не беше тргнат. Во акцијата вклучена е целата механизација со цистерна за миење на улиците, две метларки за поефикасно чистење на улиците и камион за собирање на смет. Активирани се 120 хигиеничари кои оваа недела секојдневно ќе бидат на терен за поголема чистота на Центар. Со акцијата ги подигнуваме хигиенските стандарди во нашата општина и обезбедуваме почиста и посредена околина за сите нас – истакна градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски.
Тој упати апел до Град Скопје да ги преземе своите обврски сериозно и да ја исполни својата улога во одржувањето на чистотата во општина, на јавните површини кадешто градот и градоначалничката Данела Арсовска се надлежни.
-Не смееме да дозволиме поради негрижата од страна на градот Скопје централното градско подрачје да биде во смет. Имаме голем број на поплаки од граѓаните, да не си играме институционален пинг-понг. Доколку Градот нема капацитет да ги исчисти улиците во Центар за кој е надлежен, тогаш ние ќе си го исчистиме ѓубрето. Чистотата и здравјето на центарци е најважно – истакна Герасимовски.
Од Општина Центар потенцираат дека во текот на целата недела темелно ќе се чистат јавните површини, откако пред три дена Град Скопје ги остави центарските улици во смет
(А.П.)