Американците го избираат следниот претседател на изборите кои ќе кулминираат во вторник, 5 ноември. По затворањето на гласачките места, во зависност од тоа колку се блиску резултатите, можно е победникот да не се знае неколку часа, денови, па дури и недели.
Кога се очекуваат резултатите од претседателските избори во 2024 година?
Според националните и државните анкети, разликата меѓу Доналд Трамп и Камала Харис на некои места би можела да биде многу мала, што би можело да бара пребројување, пишува Би-Би-Си.
Исто така, можно е некои резултати да доаѓаат побавно оваа година поради промените во начинот на кој поединечните држави – вклучувајќи ги и седумте клучни што на крајот ќе одлучат за трката – ги спроведуваат изборите од 2020 година.
Од друга страна, пребројувањето на гласовите се одвива брзо во места како Мичиген, а многу малку гласови годинава ќе бидиат испратени по пошта отколку на минатите избори, кои се одржаа за време на пандемијата на ковид.
Ова значи дека има низа можни исходи – победникот да биде прогласен во изборната ноќ, следното утро или неколку дена или дури неколку недели подоцна.
Инаку, изборите во 2020 година се одржаа во вторник на 3-ти ноември, но американските ТВ мрежи не го прогласија Џо Бајден за победник до доцна утрото во саботата на 7-ми ноември.
Си-Ен-Ен прв го објави резултатот, а сите други ТВ мрежи следеа во наредните 15 минути.