Набавката се однесува за 120 еколошки автобуси, од кои 80 ќе бидат наменети за ЈСП „Скопје“, а 40, во оваа првична фаза, ќе им бидат распределени на другите сообраќајни претпријатија во општините во кои има организиран јавен градски превоз
Владата го задолжила Министерството за транспорт да ја започне постапката за јавна набавка на 120 еколошки автобуси.
На последната седница била разгледана и усвоена информацијата за доделување повеќегодишен договор за јавна набавка на 120 еколошки автобуси за градски превоз.
Од Министерството за транспорт и врски велат дека сè уште немаат прецизни информации за тоа кога ќе биде распишан тендерот и кои ќе бидат условите наведени во него, роковите, техничките спецификации итн.
– Тендерот ќе го подготвиме најбрзо што можеме. Така и ни беше сугерирано од Владата. Во фаза сме на подготовка на тендерската документација. Очекуваме да биде готова за една до две недели, кога и јавно ќе соопштиме – велат од Министерството за транспорт.
Од Владата појаснуваат дека распределбата на автобусите ќе се изврши согласно со ургентноста, економската оправданост и реалните потреби на секоја од единиците на локалната самоуправа.
Инаку, претходно, премиерот Христијан Мицкоски најави дека од тие 120 еколошки автобуси, 80 ќе бидат наменети за ЈСП „Скопје“, а 40, во оваа првична фаза, ќе им бидат распределени на другите сообраќајни претпријатија во општините во кои има организиран јавен градски превоз.
(А. П.)