Додека Владата на седница го разгледува предлогот за разрешување на државниот обвинител Љупчо Коцевски, тој по завршување на седницата во Советот на јавни обвинители, каде што членува по Закон, пред медиумите негираше дисциплинска одговорност во неговото едногодишно раководење со обвинителствата. Коцевски најави дека ќе се произнесе по предлогот за негово разрешување, откако Владата ќе го достави до Советот на јавни обвинители. Во однос на барањето на премиерот Христијан Мицкоски да ја напушти функцијата, Коцевски рече дека ќе одговори откако ќе ги види основите предвидени во Законот за јавно обвинителство. Ако се утврди дека навистина има тешка дисциплинска повреда, тој рече дека сам ќе се повлече од функцијата.
– Одлуката ја оставам на политичарите. Јас строго сум работел и сè уште ќе работам согласно Законот. Условите доколку се исполнети согласно Законот за ЈО, стојам на тоа и нека ме разрешат, меѓутоа, доколку не се исполнети условите согласно Законот за ЈО, јавноста ќе цени дали ќе бидам разрешен на законит начин или на незаконит, изјави Коцевски и негираше судир на интереси во врска со неговото членство во Советот, изјави дека не постапува во предмети, туку врши менаџерска работа.
– Во јавноста треба да се види по кои предмети сум постапувал незаконито за да се произнесам. Јас не одам на судење, не постапувам во предмети, така што само ја вршам главно менаџерската работа и околу одредени работи што се предвидени согласно со Закон за јавно обвинителство, изјави Коцевски.
Во предлогот на Министерството за правда стои дека Коцевски треба да биде разрешен заради низа скандали, нарушена функционалност, корупција и нарушени меѓучовечки односи во Јавното обвинителството. Имало и сомнежи за пристрасно постапување и судир на интереси во предмети за кои тој не се изземал, набројуваат од правда.
Од владината прес-служба информираа дека на седницата го разгледале мислењето доставено од Министерството за правда, по што согласно законските обврски, истото ќе го достават на мислење до Советот на јавни обвинители.
Владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ речиси секојдневно порачува дека Коцевски треба да биде разрешен бидејќи, како што велат, тој е дел од политичката архитектура на СДСМ и ДУИ во судството, но и незаконски поставува и разрешува кадри. Опозициската СДСМ е против неговото разрешување, сугерирајќи дека тоа би било партизација во обвинителството.
Во меѓувреме, привремената раководителка на Вишото јавно обвинителство Наташа Крстевска-Целева си поднесе оставка, испратила писмо до Советот на јавни обвинители преку кое побарала да биде ослободена од техничките обврски кои и беа доверени, потпишување на плати и завршни сметки. Според нејзиното образложение,таа била последно дојдена во Вишото обвинителство и сакала да се фокусира на работата со предметите. Според Коцевски пак нејзиниот избор бил најбезболен бидејќи не била во лоши односи со нејзините колеги кои пак последниот период си го извадија „валканиот веш“ во јавноста. Нов технички раководител, Советот на јавни обвинители ќе избере следната седница, но кој и да биде треба да е подготвен на секојдневните политички изјави во врска со работата на Вишото обвинителство.
Изборот на привремениот раководител во ова обвинителство додека трае дисциплинската постапка за суспендираниот шеф Мустафа Хајрулахи беше една од причините Владата да го почне „крајот“ на државниот обвинител Коцевски, тврдејќи дека одлуката е незаконска.
Предлогот за разрешување на Коцевски, Владата треба да го достави до Советот на јавни обвинители на мислење во рок од 15 дена, најдоцна за еден месец. Тоа може да биде позитивно или негативно или воопшто да не испратат мислење што ќе се смета дека не се согласуваат во предлогот за разрешување. Според министерот за правда, Игор Филков, мислењето на Советот нема да биде единственото битно за текот на постапката. Понатаму постапката оди во Собранието.
– Ако Владата ни достави уреден предлог кој ги исполнува нашите критериуми за работа во Собранието согласно Деловникот, ние тоа ќе го ставиме во процедура“, изјави во телевизиско интервју спикерот Африм Гаши. (П.А.)