Коцевски: Истрагата за пожарот во Кочани ќе биде брза и ефикасна, но не избрзана

90

Државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски истакна дека истрагата за пожарот во Кочани ќе биде брза и ефикасна и најпрофесионално изведена.

Како што вели, мора да се соберат сите докази и затоа обвинителскиот тим постапува многу претпазливо.

„Ветив и ќе останам на тоа ветување дека истрагата ќе биде брза и ефикасна. Меѓутоа не значи дека ќе биде избрзано. Мора да се соберат сите докази по легален пат, мора доказите да си имаат доказно својство, односно да бидат на законит начин прибавени, што значи дека обвинителскиот тим постапува многу претпазливо, и многу внимателно“, рече Коцевски за телевизија Сител.

Тој нагласи дека се работи за сложен, тежок комплициран предмет каде што има многу жртви.

„Причината за несреќата се знае дека се работи за загуба на човечки животи од настанот што се случил, од концертот. Така што ќе се утврдуваат сите факти, околности во однос на причините за нереќата“, вели Коцевски.

Во однос на начинот на кој беа транспортирани доказите, Коцевски рече дека не може да се очекуваат проблеми и оти ќе се добие квалитетно вештачење.

„Не може да се очекува проблем, бидејќи доказите се обезбедуваат согласно законот за кривична постапка. Јавните обвинители беа на лице место, вршеа увид со тоа што беа присутни и други вешти лица со тоа што дадоа одредени насоки како и што треба натаму да се преземе и да се вештачи. Местото на настанот е сѐ уште обезбедено, и доколку има потреба ќе се врши и натаму прибирање докази. Во разговор со вештите лица можам да кажам дека ќе добиеме навистина квалитетно вештачење“, истакна јавниот обвинител.

ИЗДВОЕНИ