Полицијата приведе 20 на лица одговорни за трагичната несреќа во дискотеката Пулс во Кочани. Дел од одговрните се во болница, а дел се починати во големиот пожар што избувна како резултат на прскалките на сцената. Меѓу осомничените се и двајцата преживеани членови на бендот, синот на сопственикот на дискотеката и нејзиниот управител. Но, она што предизвика гнев во јавноста е податокот што го објави министерот за внатрешни, а тоа е дека дискотеката цела година работела со лажна лиценца издадена со фалсификувани податоци, под сомннение за мито и корупција. Поради тоа уапсени се поранешен државен секретар на Министерството за економија, сегашен раководител на сектор во Министерството за економија, поранешен директор на Дирекцијата за заштита и спасување и тројца вработени во ДЗС |
Полицијата ги блокираше сите пристапи до дискотеката, местото се обезбедуваше сè додека траеше увидот на екипите од форензика, криминалистика и на Единицата за антитероризам. Новинарските екипи оддалеку гледаа како изнесуваат полицајците црни вреќи полни со докази и ги внесуваат во комбиња. Истрагата ја водат шестмина обвинители, а во Кочани изутрина пристигнаа врвот на Јавното обвинителство од Скопје и министерот за полиција, Панче Тошковски, кој информираше неколкупати во текот на тенот, од пред полициската станица. Според него, дваесетина лица се осомничени за несреќата, петнаесетина биле спроведени во полициска станица, четворица од осомничените се во болница, се работи за двајцата членови на бендот, синот на сопственикот на дискотеката „Пулс“ и управителот. Тошковски објави дека дел од директно виновните за големата несреќа се починати. Во текот на денешниот ден, приведени се и сите функционери што му издале фалсификувана дозвола на сопственикот на дискотеката.
– Приведени се поранешен државен секретар на Министерството за економија, сегашен раководител на сектор во Министерството за економија, поранешен директор на Дирекцијата за заштита и спасување и тројца вработени во ДЗС. Приведени се организаторите на концертот и оние што биле задолжени за обезбедување на настанот – изјави министерот и кажа дека организаторот продал 250 карти за концертот, а во дискотеката имало уште толку.
Тошкоски обелодени детали од истрагата, дека две лиценци издадени од Министерството за економија минатата година биле фалсификувани.
– И оваа лиценца, како и други работи, е поврзана со мито и корупција – рече Тошкоски и најави дека ќе одговараат за нелегално издавање.
Претходно, на социјалните мрежи, жители на Кочани објавија дека бил граден објектот со евтини изолациски материјали, но, според нив, најголем проблем било тоа што била преполна дискотеката.
– Денес Македонија плаче, ама одговорност ќе има. За секој еден од корумпираните и неодговорните и за секој еден што има директно или посредно влијание за настанување на овој кривично-правен настан – одговорност ќе има – изјави министерот.
Тошковски соопшти дека еден полицаец од Пробиштип, кој бил во контрола за дрога и малолетници во дискотеката, починал во пожарот. Полицаецот требало да биде одликуван за службеник на годината. Истражните органи не споделуваа многу информации во текот на вчерашниот ден, ветувајќи им одговори на новинарските екипи откако ќе заврши увидот на местото на несреќата.
Државниот обвинител Љупчо Коцевски кажа дека биле донесени на распит неколку приведени лица поврзани со несреќата во која загинаа 59 млади, а има повеќе од 155 повредени. На бројните новинарски прашања колку луѓе имало на концертот на групата ДНК, а колкав бил капацитетот на објектот во кој се одржувал, дали имало противпожарни апарати, обезбедување заради евакуација при итна состојба, кој ја дал дозволата за работа на импровизираната дискотека, и Коцевски најави информации по завршувањето на увидот. (П. А.)
Кои институции треба да бидат повикани на одговорност
Објектот, кој функционирал како дискотека и во кој избувна пожар предизвикан од пиротехнички средства, бил изграден во 1999 година, со намена за магацински простор, кој подоцна бил користен како конфекција. Бил легализиран како објект во 2005 година, велат од Дирекцијата за заштита и спасување. Ова се надлежните институции што со наредба на јавен обвинител, а по спроведената контрола, треба да одговорат.
– За издавање на лиценцата за работа е надлежно Министерството за економија, а општината издава одобрение за работа во зависност од урбанистичките и безбедносните услови. Локалните власти треба да ја контролираат и бучавата од дискотеката, со оглед на тоа што се наоѓа меѓу семејни куќи. Понатаму, Пазарниот инспекторат треба да врши контрола на работното време, дозволениот број гости и условите за работа, а полицијата треба да го контролира пропуштањето малолетници, дали се служело алкохол на лица под 18 години и дали се употребувала дрога. Противпожарната служба, пак, врши проверка на противпожарната заштита и на плановите за евакуација во случаи како вчерашната несреќа.