Оваа традиционална награда за животен опус, најголемата што ја доделува Друштвото, се состои од статуетка и од плакета, а на поетот и на поетесата ќе им биде врачена на манифестацијата „Празник на липите“, која ќе се одржи на 13 и 14 јуни во Скопје

Македонскиот поет Славе Ѓорѓо Димоски и српската поетеса Радмила Лазиќ се годинешните добитници на наградата „Книжевен жезол“ на Друштвото на писателите на Македонија (ДПМ) за 2025 година. Оваа традиционална награда за животен опус, најголемата што ја доделува Друштвото, се состои од статуетка и од плакета, а на поетот и на поетесата ќе им биде врачена на манифестацијата „Празник на липите“, која ќе се одржи на 13 и 14 јуни во Скопје. Одлуката за избор на наградените автори деновиве ја донесоа членовите на Управниот одбор на ДПМ: Живко Грозданоски (претседател), Зоран Анчевски (потпретседател), Марина Мијаковска, Димитар Пандев, Сузана В. Спасовска, Виолета Танчев-Златева и Бранко Цветкоски.

Поетот, есеист и преведувач Славе Ѓорѓо Димоски е роден на 18 март 1959 година во охридското село Велестово. Завршил Филолошки факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Во два мандата бил претседател на Управниот одбор на НУ „Струшки вечери на поезијата“. Основач е и долгогодишен раководител на фестивалот „Поетска ноќ во Велестово“. Член е на Друштвото на писателите на Македонија и на македонскиот ПЕН-Центар. Автор е на книгите поезија: „Гравири“ (1979), „Проект“ (1982), „Студен порив“ (1985), „Последните ракописи“ (1988), „Спореден пат“ (1991), „Предмети и аргументи“ (1994), „Форми на страста“ (со цртежи на Сергеј Андреевски) (1998), „Форми на страста“ / „Forms of passion“ (библиофилско издание со цртежи на Сергеј А. и Дик Робертс, приредувач Сашо Димоски) (1999), „Macedonia Prima“ (2006), „Темно место“ (2009), „Мерач на зборовите“ (со цртежи на С. А.) (2009), „Хаику на разгледници“ (2015), „Јазичен триптихон“, со цртежи на С. А.) (2016), „Извешти на Рисот“ во соработка со С. А.) (2016), „Кумова Слама“ (2018), „Јазик и леб“ (2019), „Денес“ (2024) и „Грозје од кукавица“ (2024). Ѓорѓо Димоски објавил шест книги за деца и четири книги со есеи, а превел над триесетина книги на поети од словенското јазично подрачје. Дваесет книги му се преведени на странски јазици, а поединечни песни и поетски циклуси се препеани на над триесет и пет јазици. Добитник е на повеќе домашни и меѓународни награди и признанија, меѓу кои се и: „Браќа Миладиновци“, „Антево перо“, „Ацо Шопов“, „Гран-при интернационал“ (Романија), „Сергеј Есенин“ (Русија). Во 2024 г. ја доби државната награда за животно дело „23 Октомври“, а двапати беше награден и со највисокото охридско признание „Св. Климент Охридски – патрон на Охрид“ (2000 и 2012). Застапен е во сите релевантни антологии на македонската поезија објавени во Македонија и низ светот по 1982 година.

Поетесата Радмила Лазиќ пишува поезија, есеи, публицистички и прозни текстови. Живее во Белград, а е родена во српскиот град Крушевац во 1949 година. Авторка е на повеќе збирки поезија, меѓу кои: „Тоа е тоа (1974)“, „Вистинската состојба на работите“ (1978), „Кастинг“ (1981), „Ноќни разговори“ (1986), „Историја на меланхолијата“ (1993), „Од анамнеза“ (2000), „Дороти Паркер блуз“ (2003 и 2004), „Магнолиите цветаат“ (2009), „Црна книга“ (2014), „Хулам и потпишувам“ (2022), „Живот после животот“ (2024); на пет избори од поезијата: „Најубавите песни на Радмила Лазиќ“, „Срце меѓу забите“, „Бакни или убиј“,„Земски багаж“, „Она што го нарекував љубов“. Објавила и две книги есеи, „Место за копнеж“ (2005), „Мислејќи се себеси“ (2012) и кратка проза, „Загризи го животот“ (2017). Авторка е на првата антологија на современата женска поезија, „Мачките не одат во рај“ (2000), како и на антологијата на српската урбана поезија, „Ѕвездите се убави но немам кога да ги гледам“ (2009). Во Шпанија и е објавена антологија на современата српска женска поезија, „Ligera vuela la sombra“(Vaso Roto, 2021). Нејзините песни се застапени во бројни антологии на српската поезија, во земјата и во странство. Песните и се преведени на повеќе јазици. Меѓу нејзините книги со одбрани песни, кои се објавени на македонски е и книгата „Метафизика на самракот“, во превод на Бранко Цветкоски. Добитничка е на повеќе книжевни национални награди, меѓу кои: „Милан Ракиќ“, „Ѓура Јакшиќ“, „Десанка Максимовиќ“. Лазиќ е членка на српскиот ПЕН центар, позната граѓанска активистка против војните, феминистка, основачка и уредничка на книжевното списание „Профемина“. Учествуваше на СВП во 2020, на книжевниот фестивал „Друга приказна“ во Скопје во 2018, каде и победи на третиот натпревар „Овде паѓаат крупни зборови“. Коавторка е на книгата со есеи, антивоената преписка „Ветерот оди на југ и се свртува кон север“ (1994), заедно со Билјана Јовановиќ, Рада Ивековиќ  и Маруша Кресе, сведоштво за женското пријателство и мотивација за поинаков, мировен и антивоен дискурс во годините на распадот на Југославија.

ИЗДВОЕНИ