Културната рубрика на весникот ВЕЧЕР и годинава им претставува на своите читатели повеќе книжевни наслови препорачани од дел од македонските издавачки куќи. Станува збор за книги од македонски писатели, книжевни класици, литература за деца и млади, квалитетни дела од автори од целиот свет…
Книгите се извор на знаења, на идеи, отвораат хоризонти, ја збогатуваат мислата, ја поттикнуваат креативноста, инспирираат, нè водат на патувања, ја лекуваат, но и ја растажуваат душата. И затоа, како и секоја година на почеток, и овој пат Културната рубрика на весникот ВЕЧЕР им претставува на своите читатели повеќе книжевни наслови препорачани од дел од македонските издавачки куќи.
Нови изданија од големите книжевни класици
Во новата година, издавачката куќа „Антолог“ ја продолжува традицијата што ја започна минатата година, издавање нови изданија од најголемите книжевни класици.
– Прво дело во новата година беше збирката од три од најдобрите раскази на Достоевски „Бели ноќи“, Слабо срце“ и „Кротка“. Зборувајќи за класиците, тука е и една скапоцена книга што првпат се појавува на македонски јазик – сите куси прозни дела од култниот автор Франц Кафка под наслов „Собрани раскази“.
Од современата литература, го издвојуваме модерниот класик „Интимен живот“ од италијанскиот автор Николо Аманити. Книгата е добитник на наградата „Драги“ за најдобар превод на македонски јазик во 2024 година и претставува општествена и интимна сатира за животот на „најубавата жена на светот“, велат од „Антолог“.
Оттаму не ги изоставуваат и македонските автори.
– „Коски, пепел, чад“ од Мери Арсова, по својата саемска промоција, не минува ден без споделени импресии од македонските читатели. А тука е и збирката раскази „Приказничар“ од Жарко Кујунџиски, која е одличен потсетник дека е светот уникатна колекција приказни и дека преку вештината на раскажувањето, тие стануваат уште помоќни – додаваат од „Антолог“.
Книгите се нашиот дом
Мотото што „зборува“ оваа зима од име на Зимскиот фестивал на книгата во Издавачкиот центар „Три“ е „Книгите се нашиот дом“.
– Во 2024 година, книгите беа вистински дом за нас и за нашите читатели. Од печат излегоа многу наслови и се случија голем број настани што ја претворија оваа престапна година во значајна: „Единствен матичен број“ од Лидија Димковска се здоби со наградата „Роман на годината“, прославивме 25 години постоење, бевме домаќини на гостувањето на шпанскиот писател Франсеск Миралјес, се здобивме со необичен прирачник за пишување од Венко Андоновски, „Опијатите на лепословието“ и имавме промоција од онакви размери што ветува долго паметење, Румена Бужаровска го напиша својот прв роман, „Тони“, кој доживеа второ издание по нецел месец од своето прво печатење – истакнуваат од „Три“.
Како што велат оттаму, сите споменати наслови се топли препораки не само од тимот на оваа издавачка куќа туку и од самите читатели, според она што го бараат во книжарниците. Од странските наслови, ги најавуваат „На небото има реки“ од една од најпопуларните современи авторки – Елиф Шафак, од областа на медицинската психологија – актуелниот Габор Мате со новиот наслов „Расеани умови“, како и новата книга од Бријана Вист со наслов каков што ви посакуваат од „Три“ да ви биде целата 2025 – „Пресвртна година“.
Избор на домашни автори, но и преводна литература
Издавачката куќа „Или-или“ им препорачува на нашите читатели повеќе изданија од домашни автори, но и преводна литература.
– Книгите што „Или-или“ во најголем дел ги објави последните месеци од 2024 година, сметаме дека ќе го задржат или засилат интересот кај читателите и во оваа година. Од преводната литература, тоа се „Слобода“ од Леа Ипи, „Тито: вечниот партизан“ од Мари-Жанин Чалиќ, „Граница“ од Капка Касабова, „Избрани дела“ од Такит и збирката раскази „Амфора“ од Пирандело, а тука е и богатиот избор од домашни автори, односно романите на Калина Малеска, Кица Колбе, Игор Анѓелков, Симона Јованоска, Симеон Јанков, Снежана М. Анѓелков, Владо Јаневски – велат од „Или-или“.
Како што истакнуваат, во 2025 година „Или-или“ ќе објави преводи од романите на Бернхард Шлинк, Зоран Фериќ, Владимир Зарев, Ханиф Курејши, Мириам Лероа, поезија и роман од Георги Господинов, раскази на Иван Буњин, превод од старогрчки на „Ефешки приказни“, а од домашните автори – филмска есеистика од Игор Анѓелков, роман за деца од Хана Корнети, збирки раскази од Максим Ристески, Тина Иванова, Хана Корнети и од Симона Јованоска.
– И она што особено сакаме да го истакнеме, книга собрана поезија од Игор Исаковски – додаваат оттаму.
Квалитетна литература од Истокот и од Западот
– „Македоника литера“ минатата година објави неколку интересни книги за кои очекуваме и натаму да има интерес кај читателите. Очекуваме и натаму да расте интересирањето за „Конформист“ од Алберто Моравија, поетичниот роман „Таласа“ од Александру Македонски, психолошкиот роман „Дожд во Париз“ на Роман Сенчин, кој на извонреден и суптилен начин го прикажува советското секојдневје пред четири децении, егзотичниот роман „Доставувачот на пораки“ од кинескиот писател Лиу Лиангченг, фантазмагоричниот роман „Додаток за фотоалбум“ на рускиот Козак Владислав Отрошенко. За оние што ја претпочитаат македонската литература, па и т.н. женско писмо, ја препорачувам книгата со емотивни и луцидни раскази „Фрагменти од писма што никогаш нема да бидат пратени“ од Марина Димитриева-Шоршиевска – вели Нове Цветаноски, главен и одговорен уредник и директор на „Македоника литера“.
Како што додава Цветаноски, за љубителите на народните приказни и легенди ја препорачува обемната книга „Романски народни приказни“, а за младите читатели – романот „Дневникот од штрковото гнездо“ од неуморниот Киро Донев, по две книги од хрватскиот писател Стјепан Томаш – „Мојот татко спие со ангелите“ и „Добар ден, тато“ (двете задолжителна лектира во Хрватска) и од босанскиот автор Жарко Милениќ – „Леон во Стаклената Гора“ и „Леон, ученикот на волшебникот“ (двете дел од трилогија).
– Во подготовка за печат имаме уште еден интересен кинески роман – „Јас не сум прељубничка“ од Лиу Џенјун, според кој е снимен популарниот игран филм „Јас не го убив маж ми“ (каков што е и насловот на англискиот превод на романот). Според романите на Лиу Џенјун се снимени голем број филмови, кои, како и романите, се популарни не само во Кина туку и во светот. За љубителите на кинеската литература, но и на источните култури, да потсетам дека во нашата понуда има голем број и жанровски разновидни кинески книги, а овој роман ќе биде 66. кинеска книга во каталогот на „Македоника литера“ – додава Цветаноски, посочувајќи дека наскоро ќе публикуваат и уште една книга од големиот Алберто Моравија – романот „Досада“, а за македонските читатели ќе понудат и уште десетина извонредни книги (романи) преведени од европските јазици.
Одделете време за книгите што ги хранат умот и душата
Како што посочуваат, пак, од „Полица“, минатата година, нивните читатели најмногу ги барале овие десет наслови: „Не кажувам“ од Петар Андоновски, „Идиот“ од Фјодор М. Достоевски, „Птици во аквариум“ од Лидија Капушевска-Дракулевска и Влада Урошевиќ, „Смрт на Андите“ и „Тетка Хулија и скрибоманот“ од Марио Варгас Љоса, „На крајот сѐ ќе биде како што треба“ од Моника Стојановска, „Пуританската принцеза“ од Миранда Малинс, „Нашите бабички секоја посебна на свој начин“ од Беа Табода, „Една ноќ друга“ од Даница И. Лепојевиќ, и „Урнебесна биологија“ од Андреа Лесковац и Драгана Перовиќ Касановиќ.
– Овој список опфаќа четири дела од домашни автори, две книги од омилениот нобеловец Марио Варгас Љоса, две детски книги, една класика и едно современо дело. На врвот повторно се наоѓа Петар Андоновски со своето извонредно дело „Не кажувам“, кое продолжува да ја освојува читателската публика. Оваа година беше објавено и второто издание на романот, што сведочи за неговата трајна популарност. Покрај тоа, читателите покажуваат интерес и за другите дела на Андоновски, како и за драмите на Горан Стефановски, за поезијата на Бојан Станиќ, Моника Стојановска и Марија Митева со „Стражари во ноќта“ – велат од „Полица“.
Оттаму даваат посебна препорака за романот „Волк“ од Саша Станишиќ, германски писател со босанско потекло.
– Ова ремек-дело, идеално за младите читатели, ја истражува тенката линија меѓу различноста, маргинализацијата и борбата со предрасудите. Романот нуди уникатна перспектива и инспирира размислување за важни животни теми. Ако ја започнавте годината со некој од овие наслови, ве охрабруваме да продолжите со читање и истражување на литературата. Одделете време за книгите што ги хранат умот и душата. Можеби следен ваш избор ќе биде еден од класиците на Виктор Иго или на Флобер, романите на Хемингвеј, или, пак, некој помалку познат, но подеднакво инспиративен автор. Читањето отвора нови светови – нека биде тоа вашата цел и оваа година – велат од „Полица“. (Н.И.Т.)