Арсен Лупен – безмилосен, опасен и самоуверен крадец и екцентричен џентламен со чии лукави подвизи не можат да се справат ни најдосетливите детективи! Создаден e од перото на Морис Леблан на почетокот на 20 век. Сиромашните нема зошто да му се плашат, тие често и уживаат во неговата спонтана дарежливост. Но затоа богаташите и детективот кој се обидува да му влезе во трагата мора да бидат претпазливи.
Плановите на маестралниот крадец прераснуваат во сложени, детално разработени авантури и претставуваат приказни што им претходат на кинематографските остварувања како „Единаесеттемина на Оушн“, а се инспирација и за серијата „Лупен“. Освен што изобилуваат со досетливи шеги, најдобрите приказни од серијалот за Арсен Лупен се скандалозни, мелодраматични и остроумни. Со своите незапирливи подвизи Лупен е незаменлив лик во крими-литературата – единствениот со доволен калибар да смисли и да изведе кражба со такви размери!