Клучот на Градот во рацете на карневалџиите

93

Интернационалното карневалско дефиле ќе се одржи на 1 март (сабота), по улиците на Струмица. Претходната вечер ќе биде маскенбалот со избор на принц и принцеза, збогатен со карневалџиите од странство, кои ќе се претстават пред маскираните струмичани

Почнува карневалското празнување во Струмица, кое е вековна традиција на струмичани. Годинава, Струмичкиот карневал слави 35 години организирана форма.

Интернационалното карневалско дефиле ќе се одржи на 1 март (сабота), по улиците на Струмица. Претходната вечер ќе биде маскенбалот со избор на принц и принцеза, збогатен со карневалџиите од странство, кои ќе се претстават пред маскираните струмичани.

Вечерва започнува карневалската недела. Градоначалникот на Општина Струмица, Костадин Костадинов, ќе им го предаде клучот од Градот на карневалџиите. Со тоа, тие една недела ќе „управуваат“ со Градот. Веднаш потоа, во Градската уметничка галерија беше отворена изложбата „35 години од обновената организирана форма на Струмичкиот карневал“. Во НУЦК „Антон Панов“, пак, е  поставена изложба на карневалски маски на СОУУД „Димитар Влахов“ од Струмица.

„Концертот под маски“ на музичкото училиште „Боро Џони“, по 15. пат, ќе се одржи утре, со два концерти, во 18:00 и во 20:00 часот. Маскенбалот е в петок, во хотелот „Сириус“.

По главната карневалска вечер, в недела, на Прочка, од 11:00 часот е детскиот карневал. Следниот ден, Чист понеделник, ќе има варење бел грав на плоштадот во Струмица и делење ручек во 13:00 часот, а претходно, во 12:00 часот, ќе бидат објавени наградените карневалски маски. Тој ден, во 19:30 часот, ќе биде отворена изложба од 26. меѓународен фестивал за афоризам и карикатура „Струмица 2025“ и ќе бидат доделени наградите на најдобрите творби.

На традиционалниот ден на Струмичкиот карневал, во вторник, од 18:00 часот, ќе се одржи традиционалното карневалско корзо со наградените карневалџии, а во 19:00 часот – доделувањето на наградите на најдобрите карневалски маски од годинашното издание.

В среда се тримерските празнувања, односно во 12:00 часот, во Центарот за култура ќе има тримерски ручек и мал концерт на „Распеани струмичани“, а во 13:00 часот ќе му биде вратен клучот од Градот на градоначалникот, со што ќе заврши карневалската недела во Струмица.

На Струмичкиот карневал 2025 ќе се претстават 34 карневалски групи и една поединечна маска со вкупно 1.058 учесници од Македонија, Хрватска, Србија, Црна Гора и од Бугарија, а најбројни ќе бидат струмичките карневалисти, секогаш со креативни и атрактивни маски.

 

ИЗДВОЕНИ