КЛУЧНИ ДЕТАЛИ: Што разговараа Путин и Шолц?

94

Пораката на германскиот канцелар Олаф Шолц за време на телефонскиот разговор со рускиот претседател Владимир Путин беше дека Русија „треба да престане да ја следи суровата логика на војната“. Ова го изјави германскиот амбасадор во Москва, Александар Ламбсдорф во интервју за РБК, пренесе РТС.

Одговарајќи на прашање за плановите на Германија да ја преземе улогата на посредник во решавањето на конфликтот, тој оцени дека само директните преговори меѓу Русија и Украина можат да доведат до праведен и траен мир.

„Како што постојано нагласуваше федералната влада, само директните преговори меѓу Русија и Украина можат да доведат до праведен и траен мир. На крајот на краиштата, во Украина се решава прашањето што значи мир за цела Европа, за целиот слободен свет. Неодамна повторно бевме сведоци на масовни руски напади врз енергетската инфраструктура на Украина, еден од најсериозните напади од избувнувањето на непријателствата. Ова е суровата логика на војната, која Русија мора да престане да ја следи, а тоа беше токму пораката на канцеларот Шолц“, истакна германскиот амбасадор.

Коментирајќи го враќањето на Доналд Трамп во Белата куќа, Ламбсдорф рече дека Германија, Европа и САД се најблиските партнери и сојузници.

„За идната американска администрација, Германија ќе делува како близок и сигурен сојузник. Се разбира, ќе разговараме и за несогласувања, како што тоа е случај во рамките на блиското партнерство“, додаде тој.

На прашањето како договорот меѓу Германија и Велика Британија за одбранбена соработка, кој вклучува заеднички вежби на источното крило на НАТО, потпишан во октомври, се вклопува со одбивањето на Берлин да го вовлече НАТО во директен конфликт со Русија, Ламбсдорф рече дека овој договор „нема врска со Русија“.

„Не разбирам како некој договор склучен меѓу Германија и Велика Британија може во која било смисла да го направи НАТО страна во конфликтот со Русија. Ова е билатерален договор кој нема никаква врска со Русија. Веќе денеска се изведуваат вежби на источното крило на НАТО. Квалитативно нема ништо ново во ова“, додаде тој.