Климите ги заменија печките на дрва – стовариштата полни, купувачи сè помалку

11283

На прагот сме на грејната сезона. Од стовариштата за весникот ВЕЧЕР велат дека има огревно дрво во доволни количини и се продава по пониски цени за разлика од минатата година, и тоа за 500 денари. Од скопското стовариште „Биба малмис“ велат дека стандардот на граѓаните е опаднат. – Што попрво да купи пензионер со пензија од 12.000 до 13.000 денари? Се продаваат клими, луѓето ги купуваат, а се градат сè повеќе згради. А, и младите со тоа ги менуваат навиките. Сето тоа влијае на забележителното опаѓањето на побарувачката на дрва, поради што многу од стовариштата се затворија – велат од ова стовариште

 

На прагот сме на грејната сезона. Од стовариштата за весникот ВЕЧЕР велат дека има огревно дрво во доволни количини и се продава по пониски цени за разлика од минатата година, и тоа за 500 денари за кубик.

Цената на огревното дрво во стовариштата се движи од 3.500 до 4.600 денари за кубен метар, додека лани тие се продаваа и по 5.200 денари.

Од јавното претпријатие „Национални шуми“ велат дека цената на огревното дрво годинава, во нивните подружници, се движат од 3.100 до 3.500 денари за кубен метар дрва, во зависност од квалитетот, во што се вклучени и товарењето и растоварањето, како и превозот до адресата на крајниот купувач. Оттаму додаваат дека буката е за 100 денари поевтина од дабот.

Заменик генералниот директор на „Национални шуми“, Кире Михаилов, нагласува за весникот ВЕЧЕР дека се оставени на цедило, бидејќи, како што вели, се продадени на приватни фирми без малку сите планирани количини огревно дрво за 2024 година, од претходното раководство.

–  Доведени сме во тешка ситуација да бараме начини како да ги сервисираме обврските што ги оставило претходното раководство во подружниците, како склучени договори со физички лица – објаснува Михаилов.

Тој додава дека се исплатени сите заостанати обврски кон вработените, како што се исплата на плати, придонеси и друго, а се сервисирани и повеќето возила (камиони, булдожери) и се регистрирани и полека, тековно, ќе се пристапува кон максимално вложување во процесот на производство, со цел да се задоволат сите потреби и да се одговори доколку се појават нови.

Михаилов истакна дека ќе се потрудат да ја стават опожарената дрвна маса во плановите на своите подружници, а ќе се продава по нормална цена додека не загубила од квалитетот.

Од стовариштето „Биба малмис“ велат дека оваа година го продаваат огревното дрво по цена од 4.400 до 4.600 денари за кубен метар дрва, зависно од квалитетот. Имено, дабот е 4.600 денари, додека буката е 4.500 денари за кубен метар. Според нив, има доволно дрва, но побарувачката е помала за разлика од претходните години.

– Стандардот на граѓаните е опаднат. Што попрво да купи пензионер со пензија од 12.000 до 13.000 денари? Се продаваат клими, луѓето ги купуваат, а се градат сè повеќе згради. А, и младите со тоа ги менуваат навиките. Сето тоа влијае на забележителното опаѓање на побарувачката на дрва, поради што многу од стовариштата се затворија – објаснија од скопското стовариште „Биба малмис“.  

Од стовариштето „Џингис комерц“, пак, велат дека го продаваат огревното дрво со средна големина по цена од 3.500 денари за кубен метар, и тоа мешани. Одделно, дабовите дрва се продаваат по цена од 4.300 денари, додека буката по 4.000 денари за кубен метар.

Велат дека цената е намалена за разлика од претходната, кога се продавале за 5.200 денари за кубен метар, што, како што велат, зависи од набавната цена.

Кубен метар дрва во стовариштето „Каљоши ком“ чини од 4.000 до 4.500 денари, додека минатата година се продавал по 5.000 денари, што е помалку за 500 денари.

(А.П.)