Градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко изјава за „Би-Би-Си“ рече дека Украина би можела да биде принудена да се откаже од делови од својата територија како дел од мировниот договор со Русија, поради, како што е наведено, зголемениот притисок од американскиот претседател, Доналд Трамп, да се прифатат територијални отстапки.
„Едно од сценаријата е да се откаже од територија. Тоа не е фер. Но, за мир, привремен мир, можеби тоа може да биде решение, привремено“, рече Кличко.
Меѓутоа, овој поранешен боксер нагласи дека украинскиот народ „никогаш нема да ја прифати руската окупација“.
Неговите зборови дојдоа само неколку часа по рускиот ракетен и беспилотен напад врз Киев во кој загинаа 12 лица, а повеќе од 90 беа повредени, во она што медиумите го оценија како еден од најсмртоносните напади на руските сили врз украинската престолнина во последните месеци.
Оваа недела Трамп го обвини Зеленски дека им штети на мировните преговори откако украинскиот лидер повторно ја отфрли можноста за признавање на руската контрола врз Крим, кој Русија го анектираше во 2014 година.
Трамп рече дека Крим е „изгубен пред многу години“ и дека тоа „не е тема на разговор“ во моментов.
Меѓутоа, Зеленски се повикува на Кримската декларација од 2018 година потпишана од тогашниот државен секретар на Трамп, Мајк Помпео, во која се наведува дека САД „го отфрлаат обидот на Русија да го анектира Крим“.
Рускиот претседател Владимир Путин започна целосна инвазија на Украина во 2022 година, а Москва во моментов контролира околу 20% од украинската територија. Во изјава за Би-Би-Си, Кличко истакна дека е „одговорен за главниот град на Украина“, опишувајќи го како „срцето“ на земјата разурната од војна. Тој рече дека претседателот Володимир Зеленски може да биде принуден да прифати „болно решение“ за постигнување мир.