Со овие два проекти од клучно значење за енергетската транзиција на Република Македонија, ќе се произведуваат околу 46 гигават-часови електрична енергија годишно, што ќе ги задоволи потребите на над 7.000 домаќинства, истовремено намалувајќи ги емисиите на јаглерод диоксид за 40.000 тони годишно

 

АД ЕСМ потпиша договор за грант/донација од Европската унија за изградба на две нови фотонапонски електрани – „Битола 1“ со инсталирана моќност од 20 мегавати и „Осломеј 2“ со моќност од 10 мегавати. Со овие два проекти од клучно значење за енергетската транзиција на Република Македонија, ќе се произведуваат околу 46 гигават-часови електрична енергија годишно, што ќе ги задоволи потребите на над 7.000 домаќинства, истовремено намалувајќи ги емисиите на јаглерод диоксид за 40.000 тони годишно.

– Овие фотонапонски електрани ќе придонесат за енергетската сигурност на нашата земја. Енергетската транзиција е визија за иднина во која ќе имаме чиста енергија, здрава животна средина и економски просперитет. Реализацијата на овие проекти ќе ја намали емисијата на јаглерод диоксид за околу 40.000 тони годишно и ќе овозможи рекултивација на 45 хектари земјиште во кругот на РЕК Битола и на РЕК Осломеј што директно ќе влијае кон поздрава животна средина за Битола, Кичево и нивната околина – истакна министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска.

Грантот е во висина од речиси 5 милиони евра и го надополнува претходно потпишаниот заем од 25 милиони евра од ЕБОР за развој и изградба на електрани од 30 мегавати во Осломеј и Битола, со што повторно се покажува дека Европската Унија и ЕБОР се еден од најсилните партнери во енергетската транзиција на земјава.

– Повеќе пари ширум светот сега одат во фото-електрани и соларна енергија отколку во сите други технологии за производство на електрична енергија заедно. А овој тренд се гледа и со заложбата на ЕУ за поддршка на АД ЕСМ, со преку 30 милиони евра грантови за финансирање за проекти од ветер, хидро и соларната енергија. Можностите за инвестирање се зголемуваат гледајќи го природниот потенцијал на земјата – изјави амбасадорот на Европската унија, Михалис Рокас.

Проектите се очекува да бидат завршени до 2026 година, а нивната реализација ќе придонесе за развој на локалните економии и отворање нови работни места.

– Овие проекти освен енергетски – ќе донесат и социјално-економски и еколошки придобивки. Самата изградба на електраните ќе придонесе за развивање на локалната економија преку разни активности на локалните фирми, а по целосната реализација на проектите би се отворила можност за нови вработувања – рече генералниот директор на АД ЕСМ, Лазо Узунчев.

Фотонапонските електрани ќе бидат проектирани и изградени од најкомпетитивниот понудувач, во согласност со највисоките европски и светски стандарди.

Фото: Петр Стојановски