Законите за градeње и за урбанистичко планирање треба да претрпат темелни реформи, бидејќи не го пратат чекорот со времето. Во Министерството за транспорт и врски се работи на измените.
– Кога ќе имаме драфт верзии ќе го поканиме граѓанскиот сектор да се вклучи. Сметам дека јавноста треба да ги следи измените онака како што се напишани, а не онака како што некој ќе ги толкува, затоа што времето покажува дека или се прави тоа од незнаење или од други агенди кои не се поврзани со добробит на граѓаните – рече министерот за транспорт, Александар Николоски.
Посочи дека одредени структури во јавноста реагираат за се што е поврзано со законите за градење и за урбанистичко планирање без претходно да прочитаат за што станува збор. Како пример ги истакна измените на Законот за урбанистичко планирање кои на негов предлог беа усвоени во август годинава со кои се овозможи со олеснета процедура да се градат училишта, градинки, амбуланти, болници и катни гаражи.
– Кога се носеа измените се креваше хистерија дека којзнае што ќе се случело и каков урбанистички хаос ќе настанел во државата. Три месеци подоцна нема никаков урбанистички хаос и единствено се случи училишта, градинки, амбуланти, болници и катни гаражи да се градат во олеснета процедура. Откако се направија овие законски измени нема општина која не планира или веќе не почнува изградба на нова градинка или ново училиште, а сето она за што се креваше хистерија, не се случи – потенцира Николоски.