Националната платформа за македонско национално единство и за националните црвени линии, предложена од движењето ЗНАМ, брзо и категорично беше одбиена од опозицијата. Слични обиди за постигнување консензус околу националните прашања имаше и во минатото, но поделеноста околу нив остануваше. Така беше речиси во секоја клучна ситуација со која се соочуваше македонската држава во изминативе 33 години од својата самостојност. Како последица на големите разлики и ставови околу овие клучни прашања, се продлабочија и поделбите меѓу граѓаните, кои почнаа да се делат на „патриоти“ и на „предавници“, на луѓе „со свиткана ‘кичма’ и колена“ и на „бранители на Уставот“… А, епилог на сето тоа се и поразите во внатрешната и во надворешната политика. Аналитичарите што ги консултираше весникот ВЕЧЕР сметаат дека напорите да се постигне национално обединување не смеат да запрат. Лошата агенда на политичарите го разболи народот. За одредени теми мора да има општ, национален консензус. Нема друго!, вели Александар Ристовски. Благојче Атанасоски, пак, коментира дека ние се наоѓаме во примордијално, примитивно, претполитичко општество, каде што немаме најмал заеднички содржател меѓу сите општествени чинители за најбаналните работи, камоли за клучните државни и национални интереси |
На брзо и категорично одбивање од актуелната опозиција наиде деновиве промовираната Национална платформа за македонско национално единство и за националните црвени линии, предложена од движењето ЗНАМ. Нејзиниот предлагач, Максим Димитриевски, оптимистички најави дека очекува Платформата да биде усвоена во Собранието со потребното мнозинство. Но, се чини дека опозицијата нема да ја даде поддршката и дека ќе остане поделеноста.
– Вакви обиди имало и во минатото, но секогаш кога ќе дојдело одлево – се негирало оддесно, кога ќе дојдело оддесно – се негирало одлево. Бидејќи се сметаме за најнезависни, нови сме на политичката сцена, ќе го дадеме максимумот да ги убедиме другите дека ова е нешто корисно за сите нас – истакна завчера Димитриевски во едно телевизиско гостување.
Лидерот на ЗНАМ вели дека доколку е прифатлива за мнозинството, Платформата ќе оди во Парламентот, каде што ќе биде дополнително елаборирана и очекува дека ќе има и јавна дебата.
Сличен обид, во мај годинава, имаше опозициската партија Левица, која ја предложи Македонската платформа за да биде потпишана од промакедонските партии заради превенција од уцените. Но, и таа не беше прифатена од другите партии. Судбина на неприфаќање доживеаја и други платформи, манифести, декларации со кои се повикуваше на македонско национално единство околу стратешките интереси и прашања. Предложените документи за национално обединување се редеа, но поделеноста околу нив остануваше. Така беше речиси во секоја клучна ситуација со која се соочуваше македонската држава во изминативе 33 години од својата самостојност. Со длабоки поделби поминаа склучувањето на Времената спогодба со Грција во 1995 година, менувањето на тогашното државно знаме со сонцето од Кутлеш, приемот на нашата држава во Обединетите нации со „привремената“ референција ПЈРМ, па сè до склучувањето на Преспанскиот договор со Грција и промената на уставното име на државата, Договорот за добрососедство и пријателство со Бугарија, „францускиот предлог“ со кој треба да се деблокира бугарското вето за да се забрза процесот на интеграцијата на Македонија во Европската Унија. Како последица на големите разлики и ставови околу овие клучни прашања, се продлабочија и поделбите меѓу граѓаните, кои почнаа да се делат на „патриоти“ и на „предавници“, на луѓе „со свиткана ‘кичма’ и колена“ и на „бранители на Уставот“… А, епилог на сето тоа се и поразите во внатрешната и во надворешната политика, неостварувањето на целите, сè до забавениот развој и зголемената конфликтност во општеството.
Благојче Атанасоски, политички аналитичар, смета дека тоа се должи на фактот што сме еден вид примитивно претполитичко општество.
– Ние се наоѓаме во примордијално, примитивно, претполитичко општество, каде што немаме најмал заеднички содржател меѓу сите општествени чинители за најбаналните работи, камоли за клучните државни и национални интереси. Сериозните држави, дури и Бугарија, да не зборувам за Грција, и покрај огромните партиски разлики внатре во општеството, имаа и имаат државен и национален консензус за најважните надворешни политички прашања. Ние никогаш не сме имале и затоа одлуките по нас во надворешната политика биле такви – вели Атанасоски за весникот ВЕЧЕР.
И аналитичарот Александар Ристевски укажува дека е потребно обединување за да не се доживуваат порази како во изминативе години.
– Национално или, јас би рекол, сеетничко и сепартиско обединување барем за оние клучни национални теми ни е потребно за да немаме нов Заев, нов Османи или нов Димитров, Маричиќ, кои само затоа што имаат лабаво тесно мнозинство во Собранието, кое неретко знае да функционира како гласачка машина, а не како законодавен дом, претставник на народот, ќе си ги тераат агендите, на општо незадоволство на луѓето. За одредени прашања мора да достигнеме едно цивилизациско ниво дека „нема договор со никој за ништо додека сите не се сложат“! На крајот на краиштата, нели, и самата ЕУ функционира така!? – коментира Ристевски за весникот ВЕЧЕР.
И покрај неприфаќањето на предлозите на платформите за обединување, македонските политичари и натаму, во своите важни, празнични обраќања, најчесто повикуваат на обединување и на заедништво. Премиерот Христијан Мицкоски, на неодамнешната прослава на 23 Октомври, порача дека сега е клучниот момент „дали ќе нè биде или не“.
Вакви повици претходно упатуваа и тогашниот претседател Стево Пендаровски, премиерот Димитар Ковачевски…
Но, и ваквите повици остануваа без ефект, при што, кога се носеа клучни одлуки и договори, отсуствуваа заеднички средби на власта и на опозицијата, не се градеа заеднички ставови и црвени линии… Практично, власта и опозицијата не сакаа да отстапуваат од свои позиции. Притоа, се добиваше впечаток дека секоја страна под обединување подразбира спротивниот табор да ги прифати нејзините ставови, а да се откаже од сопствените. Тоа води и кон дилемата дали со сегашните предизвици, најмногу врзани со преговорите со ЕУ, ќе биде можно какво и да е обединување во иднина.
– Сега е многу доцна да се направи таков чекор, бидејќи немаме мемориска супстанција меѓу партиите за такво нешто, односно има огромна недоверба меѓу нив, дури и за вакви витални и клучни прашања. Не е проблемот во тоа кој предлага, а кој одбива, проблемот е што сите партии, без исклучок, се недржавотворни. Немањето консензус за овие прашања, нас нè доведе до такви одлуки и за влез во НАТО- алијансата и за отпочнување на преговорите со ЕУ, со поставени ненормални неевропски услови за нас. Едноставно, внатрешното неединство на партиите нè чинеше порази во надворешните позиции на државата. Со оглед на досегашното искуство, јас сум реален песимист дека и сега нема да се постигне никаков консензус – вели Атанасовски.
Аналитичарот Ристевски, пак, смета дека мора упорно да се настојува да се постигнат обединувањето и консензус околу најважните прашања.
– Нема друг начин. За национални теми, за геостратешки теми, за тоа во кој правец ќе оди државата, за некои среднорочни и долгорочни визии и агенди, нема друг начин. Во спротивно, цело време ќе има закани дека „другите што ќе дојдат, ќе биде друго, ќе сменат, ќе вратат…“, а народот ќе живее во тензија, страв, исчекување, нервоза. Лошата агенда на политичарите го разболи народот. За одредени теми, мора да има општ, национален консензус. Нема друго! – потенцира Ристевски. (Б.Ѓ.)