Директорот на Агенцијата за пошти, Сретен Миладиновски, за следната година најавува засилени контроли на работата на давателите на поштенски услуги и ќе иницира укинување на плаќањето во кеш при испораката на поштенските пратки, со задолжително и однапред плаќање на фактура за преземање на производите набавени преку е-трговијата. Тој најави и дека ќе побара Агенцијата за пошти да ги издава сертификатите за нови оператори на поштенскиот пазар.
– Годинава беа извршени најмногу контроли на поштенските оператори, што се должи и на зголемениот број даватели на услуги во поштенскиот сообраќај. Во земјата функционираат 34 лиценцирани компании, од нив 33 се на слободниот пазар. Постапувано е кон 12 лиценцирани компании и само кај една е одземена лиценцата за работа – рече Миладиновски на денешниот јавен состанок на Агенцијата за пошти, на кој беа презентирани резултатите од работењето на домашните поштенски оператори за првото полугодие од оваа година.
Раководителката на Директоратот за следење и анализа на пазарот, Данијела Спасиќ-Томовска, рече дека обемот на поштенски услуги во првото полугодие е зголемен за 3,7 насто, што резултирало со раст на приходите кај поштенските даватели на услуги за 15 проценти. Обемот на услугите кај давателот на универзалната услуга, тоа е Македонска пошта, е зголемен за 2,95 %, а кај давателите на слободниот пазар – за 5,9 %. Таа посочи дека е евидентно намалување, но не многу големо, на вработените во поштенскиот сектор од 0,9 %, и тоа кај давателот на универзалната има помалку вработени за 8,8 %, а кај давателите на поштенски услуги на слободниот пазар има зголемување на вработените за 14,8 %.
– Развојот на е-трговијата дава големи можности за развој на пазарот на поштенските услуги во Македонија. Кај овој начин на тргување има зголемување на испораката на пратки за 45 % во однос на првото полугодие во 2023 година, и тоа кај универзалната услуга за 1,5 % и 27 % кај давателите на слободниот пазар – истакна Спасиќ-Томовска.
Што се однесува до бројот на рекламации до давателите на поштенските услуги, тие се зголемени за 14 %. Дури 78 рекламации се однесуваат на АД Македонска пошта и 753 на давателите на поштенски услуги на слободниот пазар. Рекламациите на корисниците се однесуваат на пречекорување на рокот на доставување од Македонска пошта, на што се однесуваат 94 % од рекламациите, а кај компаниите од слободниот пазар, 34 % од рекламациите се однесуваат на пречекорување на рокот на доставување, додека 66,8 % од корисниците рекламирале поради оштетени и загубени поштенски пратки.
Инаку, внатрешниот поштенски сообраќај најмногу го остваруваат правните лица – 83,53 %, а во рамките на универзалната услуга се остварени 98,9 %, па може да се заклучи дека давателот најмногу работи во рамките на универзалната услуга.
Претставник од давателите на меѓународни поштенски пратки побара од директорот Миладиновски да иницира состанок со Министерството за економија и со Царинската управа за подобрување на условите и да се опфати е-трговијата, каде што побара да се зголеми границата за бесплатни пратки во Македонија, бидејќи, смета, тоа е многу битно за поштенскиот сообраќај. Тој нагласи дека моменталната давачка од 22 евра како царинска давачка ги оптоварува македонските граѓани што примаат пратки од странство.
– Се појавуваат нови платформи што носат меѓународни пратки во Македонија, тоа е нелојална конкуренција. Постојано ни доаѓа цариник, кој утврдува што да се царини или не. Странките што не се запознати со давачката се доведени во заблуда ако не знаат дали нивната пратка ќе се царини или не, и таа ја поскапува пратката – се пожалија од приватните поштенски компании.
(С.Бл.)