Новата 2025 година Општина Бутел ќе ја започне со големи капитални инвестиции. Меѓу нив се: изградба на модерна поликлиника, нов мегапарк, нова водоводна мрежа за Љубанци и за Љуботен, нови спортско-рекреативни центри, реконструкција на нови клучни улици и многу други проекти, кои, како што истакна градоначалникот Дарко Костовски, се ветени пред граѓаните.
Тој додаде дека овие изминати три години се вложени рекордни 80 милиони денари во образованието, а инвестирани се и 12 милиони денари во детските градинки.
– Општина Бутел три години го држи приматот на најспортска општина во Република Македонија. Инвестиравме рекордни 75 милиони денари во спортот и во спортската инфраструктура. Изградени се три нови спортско-рекреативни центри. За три години, успеавме да асфалтираме 100 нови улици. Изградена е нова детска градинка во Бутел 1, инвестиција во вредност од 35 милиони денари, а започна со изградба и новата детска градинка во Бутел 2, во вредност од 100.000.000 денари – нагласи Костовски.
Тој додаде дека веќе е завршено училиштето во Визбегово, кое е во вредност од 106.000.000 денари, но и тоа дека Општина Бутел за првпат добила плоштад на површина од 500 квадратни метри и парк со површина од 2.000 квадратни метри. Исто така, изградени се и детски игралишта во сите населени места.