Виното ќе биде во центарот на вниманието на прекрасната сцена на „Долни Сарај“ во Охрид. Охридскиот ресторан „Канео“ од годинава започнува со организација на настанот „Над Езерото“ – Охридски вински салон 2024, што ќе се одржи во сабота и се очекува да ги сплоти сите најзначајни македонски винарници доближувајќи го македонскиот вински идентитет на домашната и странската публика.
Организаторите информираат дека на сцената „Долни Сарај“ ќе се претстават триесетина винарници и дестилерии. Настанот е наменет за сите љубители на вино, како и претставници на ХОРЕКА секторот, кои ќе имаат можност за дегустација, едукација и размена на контакти. Покрај македонските винарници и дестилерии на настанот ќе земат учество македонските локални производители на храна и претставници на „Слоу фуд“.
На настанот посетителите ќе имаат можност за дегустација на вино во кристалните чаши на брендот „Риедел“. На самиот влез на настанот ќе треба да изнајмат чаша, по цена од 200 денари, а ќе им бидат вратени по завршување на нејзината употреба. Организаторите појаснуваат дека со купена влезница за настанот се добива можност за неограничена дегустација на вино, вински дестилати и храна.
Се зголемува бројот на сместувачки капацитети во мали винарници
Се зголемува бројот на сместувачки капацитети во мали винарници, информираат од Здружението Македонски семејни винарници. Оттаму појаснија дека се комплетира уште една винска приказна од идејата мали семејни винарници.
– Идејата за малите семејни винарници, душата на винскиот туризам мора да продолжи. Тиквешкиот Регион за неколку години ќе прерасне во Тоскана на Балканот – потенцираат од Македонски семејни винарници.
Имено, по претходно две мали семејни винарници, членки на здружението, што имаа свои сместувачки капацитети, отсега уште една мала семејна винарница има сместувачки капацитет апартмани за 12 луѓе. Се работи за сопствена инвестиција од 85.000 евра на семејството Златковиќ.