Стартува акцијата „Новогодишна кошница“ со која до 15 јануари над 900 производи опфатени со акциската листа треба да се продаваат по пониски цени за 10 проценти. Акциската листа опфаќа леб и житарици, пекарски производи, месо и преработки од месо, риба, млеко и млечни производи, кондиторски производи, свежо, замрзнато и конзервирано овошје и зеленчук, безалкохолни (газирани и негазирани) напитоци, алкохолни пијалаци (вино и пиво) и друго. Тие производи на полиците во трговските ланци треба да бидат обележани со налепница и лого „Помалку трошоци, повеќе за тебе“, како дел од кампањата на Владата.
Најавени се контроли од Државниот пазарен инспекторат кој веќе неколку дена ги мониторира цените за да утврди евентуални неправилности. Владата очекува акцијата да го заштити семејниот буџет во услови на зголемени цени на прехранбените производи што се потврдија и со последните податоци за инфлацијата од Државниот завод за статистика.
По официјализирањето на акцијата на 5 декември, кога беше најавено дека листата содржи 600 производи, до завчера, како што објави заменик-министерот за економија Марјан Ристески, бројката достигна 900 производи.
– Интересот за приклучување на компаниите во акцијата „Новогодишна кошница“ расте, за една недела листата на производи се зголеми од 650 на повеќе од 900 производи. Граѓаните ќе можат да купат повеќе од 900 производи од 83 компании кои тие самите ги понудиле, со пониски цени од најмалку 10 проценти, напиша Ристески на социјалните мрежи.
Апелираше компаниите доследно да ја почитуваат акцијата која посочи дека самите ја креираа, а доколку граѓаните имаат забелешки да ги пријават до Државниот пазарен инспекторат на бесплатниот телефонски број 191 или на веб страната www.dpi.gov.mk.
Во пресрет на акцијата, ДПИ објави дека пазарните инспектори ги мониторираат цените на производите коишто ги содржи акциската листа заедно со најниските цени на истоимените производи кои биле применувани во последните 30 дена. Целта на мониторингот е да се утврди дали по почетокот на акцијата трговците ќе се придржуваат до дадената иницијатива од нивна страна за акциско намалување на цените од 10 отсто или повеќе на прехранбени производи кои најмногу се продаваат во текот на новогодишните празници.
Од Владата во неколку наврати порачаа дека најавеното намалување на цените на производите со акцијата ќе го заштити семејниот буџет.
– Очекувам позитивни ефекти од акцијата и за празниците што побогата потрошувачка кошничка за граѓаните за понида биде што побогата, изјави премиерот Христијан Мицкоски завчера по присуство на поставување камен темелник на нова фабрика во ТИРЗ Кичево.
При објавата на новогодишната кошница, Мицкоски рече дека листата на производи е договорена заедно со стопанските комори, синдикатите, производителите, дистрибутерите и трговците. Премиерот тогаш нагласи дека не се работи за интервентна мерка на Владата и со ограничување на цените, туку за консензуално решение поради што нема да има казнување, туку ќе има мониторинг дали на тие производи ќе бидат залепени налепниците за да бидат визибилни за граѓаните.