Одржувањето на магистралните и на регионалните патишта е во опасност поради сериозните финансиски предизвици на Јавното претпријатие, покажува конечниот ревизорски извештај на Јавното претпријатие за одржување и заштита на магистралните и регионалните патишта, кој го објави Државниот завод за ревизија по извршената ревизија на финансиските извештаи за 2022 година.

ЈП за одржување и заштита на магистралните и на регионалните патишта, се наведува во извештајот, 12 години континуирано работи со блокирана сметка и ја извршува основната дејност во рамките на месечните лимити, што има клучно влијание врз квалитетот и врз континуитетот на извршување на дејноста.

– ЈП за одржување и заштита на магистралните и регионалните патишта, 12 години, односно од 2012 година до денот на известувањето за спроведената ревизија, ја врши јавната дејност, која е од суштинско значење за јавниот интерес и за безбедноста на граѓаните, со сметка што е блокирана поради извршни решенија за наплата на ненамирени обврски. Согласно со податоците од носителот на платниот промет, на крајот од 2022 година, сметката на ЈП е блокирана за обврски во вкупен износ од 663 милиони денари – соопштија од ДЗР.

Во извештајот е констатирано дека ЈП, низ годините, има тренд на зголемување на обврските кон набавувачите во земјата, како резултат на зголемената активност во делот на одржувањето и заштитата на државните патишта, односно поради изградбата на нови делници, зголемените трошоци за набавка на нафта и нафтени деривати, како и растот на цените на стоките и услугите.

Обврските кон набавувачите во 2018 година биле во вкупен износ од околу 480 милиони денари, додека во 2022 година забележале зголемување и изнесувале 966 милиони денари. Исто така, тренд на зголемување бележат и обврските по извршни решенија, кои во 2018 година изнесувале околу 324 милиони денари, додека во 2022 година нивниот износ бил над 467 милиони денари.

– Ваквиот начин на функционирање на ЈП, кое не е во можност редовно да ги плаќа доспеаните обврски, влијае врз зголемувањето на обврските по извршни решенија и зголемувањето на обврските по основ на камати, што неповолно влијае на финансиската стабилност и ликвидноста на претпријатието и во исто време влијае на тековното работење на набавувачите и вредноста на стоките, работите и услугите што се добиваат во постапките за јавни набавки. Со извршената ревизија, како што претходно беше наведено, утврдивме дека обврските по извршни решенија со кои е блокирана сметката на претпријатието со состојба на 31.12.2022 година изнесуваат приближно 663 милиони денари, што претставува за приближно 196 милиони денари поголем износ на обврски во однос на евидентираните во сметководствената евиденција на ЈП (околу 467 милиони денари). На ревизијата не ѝ е дадено соодветно образложение и доказ за утврдената разлика, што има за ефект да не се потврдат вистинитоста и објективноста на евидентираниот износ на обврските по извршни решенија во билансот на состојба на 31 декември 2022 година – соопштија од ДЗР.

Исто така, како што стои во извештајот,  констатирано е дека одговорното лице во претпријатието не ги осигурило градежните објекти и средствата со кои располага, во вредност од приближно 2 милијарди денари, односно 32.4 милиони евра, а кои се изложени на ризици.

Од јуни до декември 2021 набавени се 15 специјализирани возила за чистење снег, во вредност од 177 милиони денари, од кои едно возило, дваесет (20) дена по приемот и само 150 изминати километри, било опожарено без да биде каско осигурено, а фабричката гаранција не била искористена. Тужбата за надоместок на штета била поднесена две години по пожарот, односно на ден 27.12.2023 година.

– Полнењето возила со гориво се врши со пумпи, чии мерила подолг временски период не се верификувани/ баждарени. Со исклучок во две подземни цистерни, приемот на гориво се врши во т.н. надземни пластични и метални контејнери. При користење на горивото, вработените го преточуваат во туби и во канти. Од извршениот теренски увид, ревизијата констатира дека овој начин на прием, складирање, ракување и издавање на горивото ги загрозува безбедноста и здравјето на граѓаните и неповолно влијае на животната средина и во исто време постојат ризици во однос на начинот на користење на нафтените деривати – се вели во ревизорскиот извештај.

Со ревизијата, ДЗР утврдила дека трошоците по основ на надоместок на штети, камати и судски трошоци дополнително влијаат на влошување на финансиската состојба на ЈП.