Општина Кисела Вода ќе биде дел од европскиот проект „Together for Green Growing“ („Together4GG“), поддржан од EIT Food AMPLE Program 2025. Taa ќе ѝ се приклучи на Варшава и Мадрид како единствени градови каде што ќе се спроведува овој значаен проект, што ја потврдува посветеноста на општината кон економскиот напредок на жените и создавањето нови можности за нив.
Проектот „Together4GG“ е создаден за да ги поддржи жените во прехранбениот сектор и да ги поттикне на економска независност преку иновации и модерни бизнис решенија.
-Целта е да се понудат обуки за претприемништво, финансиска писменост, дигитален маркетинг и развој на бизнис, со што ќе се зајакне нивната позиција во локалната економија – соопштија од Општина Кисела Вода.
Покрај средствата обезбедени од проектот „Together4GG“, во висина од 50.000 евра, Општина Кисела Вода самостојно обезбедува 3 милиони денари сопствени средства за успешна имплементација и спроведување на проектните активности.
Проектот ќе започне во април 2025 година, со регрутација на учесничките, а ќе трае до октомври 2025 година.
-Оваа иницијатива не само што ќе создаде нови бизниси, туку и ќе ги промовира еколошките и одржливи решенија во локалната економија, додека истовремено ќе обезбеди платформа за формирање на Совет за женско претприемништво како поддршка за сите учеснички – нагласуваат од Општина Кисела Вода.
Водечки партнер на проектот е Вита Нова, која ќе ја координира имплементацијата и реализацијата на активностите, заедно со Општина Кисела Вода, која ќе обезбеди логистичка поддршка, промоција и ќе ја олесни вклученоста на локалната заедница. Дополнителен ќе се организираат обуки за здрава исхрана и одржливи прехранбени практики.
– Кисела Вода е општина која се залага за економска рамноправност и еднакви можности за жените. Со овој проект, нудиме платформа преку која жените ќе можат да започнат свои бизниси, да креираме вистински услови за успех на локалната економија, да поддржиме иновации и да стимулираме лидерство кај жените – наведуваат од локалната самоуправа.
Градоначалникот на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски истакна дека симболиката на овој проект е јасна порака за значењето на жените во економијата.
-Ова е можност за жените во нашата општина да добијат поддршка за свој бизнис во прехранбениот сектор и воедно да бидат пример за идните генерации – изјави Ѓорѓиевски.