Градоначалникот на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, денеска го отвори интернационалниот настан FIRST LEGO League Challenge, еден од најпрестижните STEM-натпревари во светот, поддржан од УНЕСКО, кој годинава со одржува во ООУ „Кузман Јосифовски-Питу”, во Општина Кисела Вода.
Во своето обраќање, тој го поздрави македонскиот организатор, Академијата за роботика и иновации, и укажа на важноста на ваквите натпреварувања во насока на развивање на знаењето, иновативноста и на интересот за науката и за технологијата кај младите.
– Минатата година, овој уникатен натпревар ги обедини младите од 104 земји, со над 40.000 тима, кои покажаа дека науката, технологијата, инженерството и математиката (СТЕМ) немаат граници. Тоа го прави овој настан вистински мост на знаење, иновации и соработка меѓу младите генерации ширум светот – нагласи Ѓорѓиевски.
Тој додаде дека FIRST LEGO League е повеќе од натпревар, наведувајќи дека е иницијатива што ги инспирира младите да размислуваат критички, да соработуваат и да развиваат решенија за реалните проблеми.
– Овој пристап преку интерактивно и забавно учење, базирано на практика, ги подготвува нашите ученици за предизвиците на модерниот свет и истовремено ги поттикнува нивните љубопитност и иновативност. Особено сум горд што четири тима од училиштата во Кисела Вода се дел од ова натпреварување и што ќе имаат можност да ги покажат своите знаење и умешност – истакна Ѓорѓиевски.
Оваа година, темата на натпреварот е „Истражување на океаните“ – срцето на нашиот глобален екосистем.
Младите учесници ќе се соочат со предизвикот да создадат решенија што ќе придонесат за поздрави и почисти океани, што е важна мисија на нашата планета.
Најдобрите тимови ќе имаат привилегија да ја претставуваат нашата земја на глобално ниво – тимот што ќе го освои првото место ќе се натпреварува во САД, додека второпласираните ќе ја продолжат својата мисија во Грција.
– Кисела Вода е горда што преку овој настан дава свој придонес кон образованието, иновациите и во развојот на младите. Овие ученици се идните лидери во науката и во технологијата и денес сме сведоци на нивниот почеток на патот кон големи успеси – вели Ѓорѓиевски.