Кисела Вода денес има километри нови улици и инфраструктурна мрежа, паркинзи, градинки и училишта!

709

Градоначалникот на општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, вчера го претстави развојот на општината која годинава слави 69 години од постоењето. Тој пред многубројните гости потенцира дека откако е дојден на чело на оваа скопска општина досега има реализирано 90% од неговата програма, што низ бројки значи километри изградени и реконструирани нови улици, атмосферска, фекална и водоводна мрежа, како и обновени и изградени нови градинки и училишта. Ова, рече тој, доведе до целосно сменет лик на општината во сите населби и населени места и повеќе задоволни граѓани.

– Обновени се над 50 километри улици и патишта, паралелно работејќи и подземно во изградба на атмосферска мрежа во должина од 5.470 метри, фекална канализациска мрежа 8.200 метри и 4.200 метри водоводна мрежа. Би сакал да го издвојам капиталниот проект за изградба на фекална и водоводна мрежа во Каменик, едно горливо прашање, со кое никој порано не се осмелуваше да се зафати, и да ве информирам дека досега ја завршивме изградбата на 2.700 метри фекална мрежа, а преку Министерството за животна средина, а ни претстои и изградба на околу 6,5 километри водоводна мрежа со резервоар од 500 кубни метри вода и препумпна станица – истакна Ѓорѓиевски.

Тој се надева дека со новоизбраната Влада ќе се забрза процесот и дека овој проект во најбрзо време ќе биде финализиран, а проблемите со немање на достоинствени услови за живеење трајно ќе бидат затворени.

Во неговиот досегашен мандат се изградени нови 1.400 паркинг-места, а ќе се продолжи со изнаоѓање на нови локации каде што постои можност да се изгради паркинг-простор.

– Зад нас се изградбата на два пазара, обновата на Домот на културата, од годинава и возобновувањето на киното и отворањето на библиотека во Кисела Вода. Проекти на кои се чекаше со децении. И оваа година продолживме со дигитализацијата на општината. На овој начин спречивме уписи на деца во градинки преку врски. Со тоа и ние како локална самоуправа точно знаеме во секој момент колкав број деца има за упис, каде што има потреба од отворање на дополнителни капацитети. А бројките говорат дека наместо 450 деца на листа за чекање што ни беше наследена бројка на почетокот од мандатот, сега оваа бројка е двоцифрена и наскоро ќе ја сведеме на нула – нагласи Ѓорѓиевски.

Градоначалникот потсети дека се проширени и реконструирани градинки и училишта, а најави и изградба на нови.

Посебно се осврна на успешно завршениот конкурс за идејно решение на реонот на Расадник, за кој рече дека нуди концепт на хумано живеење за кој е сигурен дека ќе ја трасира траекторијата на идните инвеститори кон Кисела Вода.

– Големо внимание посветивме на изградба на нови паркови, детски катчиња, на изградба на спортската инфраструктура, со посебен акцент врз обновата на запуштените спортски терени и локации кои некогаш беа култни места. Бројката на ваквите места кои веќе се фреквентно посетувани од нашите жители е поголема од 20 – истакна Ѓорѓиевски.

На крај, Ѓорѓиевски проговори и за културата и забавниот живот во општина Кисела Вода, кои во изминатиот период ја позиционираа во место кое е репер за добра забава и квалитетен културен живот. Имено, во моментов е во тек реализацијата на културното лето и на досегашните настани имало голема посетеност.

На свечената седница беа статуетки – клучеви од општината на истакнати поединци, општествено одговорни компании и други лица кои имаат трајни заслуги во афирмацијата и развојот на општина Кисела Вода.