Општина Кисела Вода денеска поднесе нови 10 апликации за проекти на вториот повик на Владата за финансирање на капитални инфраструктурни инвестиции, со што вкупниот број на поднесени апликации достигна 16.
И овие, како и проектите кои беа одобрени со првиот повик и чија релизација е во тек, се насочени кон модернизација и развој на клучната општинска инфраструктура. Дополнително, во подготовка е документацијата за уште неколку капитални проекти чија реализација ќе значи траен белег врз урбаниот развој на Кисела Вода.
Новоподнесените 10 проекти се: атмосферска канализациона мрежа на дел од улицата „Томе Арсовски“- од Шампионче со парк „Бирарија“, реконструкција на улицата „ Жил Верн“, реконструкција на улица „527“, основен проект за реконструкција на линиски објекти – улица „Саса“ со краци, улица „Речиште“ со краци, улици во Герника и улица „Иван Хаџиниколов“, основен проект за пешачки патеки со партерно уредување на просторот пред сала „Расадник“, основен проект за спортска сала (затворено спортско игралиште) – подрачно основно училиште „Круме Кепески“ – Припор и основен проект за реконструкција на атмосферски канал (Црн Канал) од улица „Малешевска 1“ до Мала Рада во КО Драчево 2.
-Секоја апликација што ја подготвивме е резултат на темелна анализа на реалните потреби на терен, разговори со граѓаните, стручни проценки и визија за иднината. Аплицираме за изградба и реконструкција на улици кои со децении беа заборавени, за нови градинки, за подобрување на образовната инфраструктура, како и за уредување на јавни простори што ќе ја направат нашата општина поубаво и побезбедно место за живеење. Оваа поддршка што ја нуди Владата е мошне значајна бидејќи освен финансискиот момент, претставува и мотивација за сите нас, на локално ниво, да продолжиме да работиме со уште поголема посветеност и визија – изјави градоначалникот на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски