Австралискиот тенисер Ник Кирjос се јави со свој став во јавноста откако беше потврдено дека најдобриот светски тенисер Јаник Синер е суспендиран на само три месеци.

Поради употреба на недозволени супстанци, поточно супстанцата клостебол, Италијанецот е казнет со тримесечна забрана за учество на турнири, казна која според Кирјос не е соодветна за стореното дело.

Неговите зборови јасно покажуваат што мисли за конечната одлука за „случајот Синер“ и фактот дека Италијанецот постигна договор со водечката светска антидопинг организација.

„ВАДА (Светска анти-допинг агенција) го кажа своето и беше објавено дека забраната ќе биде една или две години. Очигледно, тимот на Синер направи се за забраната да биде три месеци и тој да не изгуби ниту поени или пари. Виновен или невин? Ова е тажен ден за тенисот. Нема правда во тенисот“, напиша Кирјос.

Синер во август минатата година во два наврати беше позитивен на анаболичен стероид клостебол, со што ги прекрши антидопинг прописите. Досега се чекаше казна.

Во своја одбрана, Италијанецот постојано повторуваше дека недозволената супстанца случајно му била внесена во телото за време на масажата што неговиот терапевт ја направил без заштитни ракавици.

ИЗДВОЕНИ