Кириите за луксузните станови во Белград се движат до 9.000 евра месечно

На добра локација со поголема квадратура, иако неопремени

96

Можноста за користење хотелски услуги како на пример масажа, СПА-центар, базен, теретана, како и панорамскиот поглед на Ада Циганлија или Калемегдан,  ја крева цената на кириите во Белград до 9.000 евра месечно.

Баснословни износи за изнајмување на луксузните станови, без разлика дали се опремени или празни, покажа истражувањето на „Форбс Србија“. Пребарувајќи ги огласите, магазинот дошол до заклучок дека најскапо е рентањето стан во елитната населба Белград на Вода, но не заостануваат многу ни Дедиње, Дорќол или Врачар.

Според проверените огласи, највисока кирија од 9.000 евра се бара за празен пентхаус од 352 квадрата во Белград на вода. Исто така, во Белград на Вода полунаместен стан од 90 квадрати се издава за 7.700 евра. Но на истата локација има и поевтино. На пример наместен стан од 110 квадрати се издава за 3.500 евра.

На Врачар, кај Храмот на Свети Сава, наместен пентхаус од без малку 300 квадрати се издава за 4.700 евра. На „Кнез Михајлова“, пак, неопремен стан од 160 квадрати може да се изнајми за 4.490 евра.

Во повеќето случаи во прашање е пентхаус, но има и салонски станови. Како што анализира „Форбс Србија“, во цената главно се пресметани и паркинг или гаражни места, а исто така може да се приспособат и на деловните потреби, односно на канцелариски услови. Имаат повеќе бањи, најчесто три плус еден тоалет, од две до четири спални соби, кујна и неколку претсобја. Со многу од нив одат и кабелска и телефонска линија. Повеќето се неопремени, но има и полуопремени и опремени.

-Некои се градени по наградувани проекти, други се под заштита на Заводот за заштита на спомениците, а трети можат да се наречат новоградба. Зградите, особено во Белград на Вода, имаат обезбедување, како и рецепција со портир. Некои од становите имаат двор, додека други главно се пентхауси, околу целата површина опкружени со тераса со стаклена ограда.

„Форбс Србија“ констатира дека големината и локацијата најмногу ја диктираат цената. Сепак, многу од овие станови имаат дополнителни удобности. Пространи тераси со џакузи, подно греење, гардероби, лифт кој води директно од гаража до стан.

Белград на Вода, каде што се регистрирани највисоките кирии во Белград, е во општината Савски Венац. Но, не сите луксузни станови во таа општина се со кирии блиски до 10.000 евра. Има и нешто исто така луксузно, но поевтино. Во истата општина, во Центар е огласен наместен салонски стан од 220 квадрати за кирија од 3.500 евра. За иста цена се издава наместен дуплекс од 160 квадрати на Дедиње. Кај Калениќ Пијаца пак, наместен луксузен стан од 174 квадрати може да се изнајми за 3.000 евра месечно.