Фигури како нобеловката Марија Кири, композиторот Лудвиг ван Бетовен и сликарот и скулптор Леонардо да Винчи, ќе се најдат како мотиви на новите банкноти на еврото. На задната страна на банкнотите треба да има слики од улични уметници, библиотеки или универзитети.
Од Европската централна банка објаснуваат дека новите банкноти треба да го симболизираат заедничкиот идентитет и различноста што ја прави Европа силна.
Втората тематска група „Реки и птици“ за банкнотите е посветена на издржливоста и различноста на природата. На задната страна на банкнотите во овој случај се институциите на Европската Унија, како што се Европскиот парламент или Европската комисија.
Одлуката е донесена земајќи ги предвид мислењата на експертите и резултатите од истражувањето, во кое во 2023 година учествувале околу 365.000 Европејци.
Европската централна банка започна редизајн на банкноти на крајот на 2021 година. Централните банки редовно развиваат нови серии на банкноти за да го отежнат фалсификувањето. Новите банкноти ќе имаат подолг рок на траење.
Сепак, од Банката нагласуваат дека ќе помине извесно време додека во рацете на граѓаните се најдат новите банкноти. Јавен повик за дизајн е планиран за оваа година, додека Советот на ЕЦБ ќе ги избере финалните мотиви следната година. ЕЦБ потоа планира да ги претстави предлозите на јавноста и да побара мислење од нив. Но, новите банкноти ќе влезат во оптек само неколку години подоцна.
Мотивите на сегашните банкноти, за разлика од претходните национални валути, се релативно неутрални. Тие прикажуваат градби што не постојат во реалноста.
Првите евро банкноти беа пуштени во оптек во 2002 година, а од мај 2019 година се користи втората генерација со подобри безбедносни карактеристики.