Кинотеката на Македонија влегува во 2025 година со буџет од 7,5 милиони денари, со кои ќе реализира програмски активности од областа на заштитата на аудиовизуелните добра, проекти од меѓународната дејност и евроинтеграциите, како и од издавачката дејност, соопштија од оваа национална институција.
– Буџетот на единствената институција во државава што се грижи за националното аудиовизуелно наследство е зголемен за повеќе од 1,5 милиони денари во однос на минатата година. Најголемиот дел од вкупната сума, односно 6,5 милиони денари, ќе биде потрошен за тековни и за нови проекти во областа на заштитата, како што се прибирањето филмови и филмски материјали, документација и музејски експонати, обработката и каталогизацијата на прибраната граѓа, но и на годишната филмска програма во Кинотеката, преку која се обезбедуваат проекции на актуелни и култни филмски остварувања во една од најпосетените киносали во државата – посочуваат од Кинотеката.
Оттаму истакнуваат дека годинава ќе се работи на дигитална реставрација на уште едно класично дело од македонската кинематографија – играниот филм „Македонска крвава свадба“ (1967) на режисерот Трајче Попов, како и на дигитална реставрација на 25 анимирани филма од македонската школа на анимираниот филм, школа што беше активна во ‘70-тите и ‘80-тите години на 20 век (Д. Марковиќ, Б. Пејчинов, Д. Михајловски, итн.).
– Играниот филм „Мис Стон“ (1958) на режисерот Ж. Митровиќ, кој беше дигитално реставриран минатата година, оваа 2025 година ќе го добие своето блу-реј издание. Во соработка со македонските културно-информативни центри во регионот, Кинотеката ќе организира и презентација на македонската кинематографија преку програма насловена „Денови на македонскиот филм“, а на полето на издавачката дејност, покрај новиот број на „Кинопис“, се подготвува да излезе од печат и монографијата „70 години македонски филмски плакат“ – додаваат од Кинотеката.