Во Скопје, пред земјотресот, се живеел мирен, спокоен, материјално скромен, но духовно богат и внатрешно исполнет живот. И она што е најбитно, тој живот не бил едноличен. Покрај другите тогашни феномени, голема улога играле филмот и кината. Во тие рамки, посебно место имало популарното кино џабе, бесплатните проекции на филмови на отворено. И тоа не каде било, туку во самиот центар на градот, на плоштадот, каде што денес се возобновува зградата на стариот Офицерски дом.
Познатиот хроничар Данило Коцевски во своите записи бележи како функционирало тоа кино.
– Проекторот беше сместен во една просторија во приземјето на Офицерскиот дом, а „платното“ се наоѓаше на ѕидот од куќата отспротива, со приземје и два ката. Тоа и не беше филмско платно, туку бело бојосан ѕид во вид на квадрат, врамен со црна боја. На тој бел квадрат се проектираа филмовите. Во квечерините, со паѓањето на првиот мрак, започнуваше големата претстава. Тогаш публиката си ги заземаше своите места на тротоарот и коцката на киното џабе – пишува Коцевски.
Постарите, кои живееле во близината, си носеле столчиња од дома и така седнати го чекале почетокот на проекцијата. Тоа, за нив, било еден вид домашно кино.
– Наеднаш ќе се слушнеше зуење на проекторот од просторијата на Офицерскиот дом. Силна, блескава светлина како ласер се пробиваше над главите на посетителите и го означуваше почетокот на проекцијата. Прикажуваните содржини во кино џабе беа поделени во неколку дела и предизвикуваа посебно внимание. Најпрвин се прикажуваше журнал со актуелните вести. Потоа следуваа цртани филмови, кои предизвикуваа најмногу радост кај децата, но и кај повозрасните, како што беа јунаците: Пајо Паторот, Мики Маус, Плутон, Снежана. На крајот доаѓаше централното филмско доживување од продукцијата на „Застава филм“ – опишува Коцевски.
Сеќавајќи се, тој опишува дека вљубените млади двојки гледале филм држејќи се за раце, а весели звуци допирале од плоштадот и од корзото под костените кај мајстор Кенан.
– Имаше додворувања, средби, раѓање на нови љубови. Можевте да прошетате на корзото и повторно да се вратите да го гледате филмот. Тоа беше спонтана, ненаметлива зближеност и дружење меѓу луѓето. Кино џабе, всушност, се наоѓаше во познатото Пошта Маало, на простор на улицата „Ленински Комсомол“, во близина на другите две познати улици: „Илинденска“ и „Орце Николов“. Во околината беа и познатите кина „Младина“ и Куклениот театар (кино и театар), како и главната пошта и пасажот Ароести – наведува Коцевски.
Кинооператорите што ги проектирале филмовите, како што пишува Коцевски, за скопјани биле волшебници, без оглед дали станувало збор за аматери или за познати професионалци.
– Нивните имиња и ден-денес ја обележуваат историјата на скопските кина, како што беа Абдула, познат по прекарот Гаврош, потоа Пандо Лазаровски, Стево Миовски-Шатка, Борче Блажевски, Звонко и др. – потенцира Коцевски.
Кино џабе почнувало со проекции на 10 јуни, кога завршувала учебната година, а престанувало со работа на 5 септември, кога поаѓале учениците на училиште.
(А.П.)