Кина откри „неограничен“ извор на енергија во форма на доволно ториум јоја моѓе да трае во следните 60.000 години. Според неодамна откриената студија, рударскиот комплекс Бајан Обо во Внатрешна Монголија содржи неограничен извор на енергија во форма на доволни резерви на ториум за практично трајно задоволување на енергетските потреби на Кина.
Овој лесно радиоактивен елемент може да се користи за производство на електрична енергија во специјални нуклеарни реактори со растопена сол.
Според проценките на научниците, рударскиот комплекс содржи до еден милион тони ториум, пишува South China Morning Post. Студијата наведува дека резервите на ториум моментално се наоѓаат во рударски отпад и се целосно недопрени, но дека нивната правилна екстракција може значително да придонесе за ставање крај на глобалната зависност од фосилните горива, пренесува MSN.
Што е ториум и како се користи?
Ториумот (Th) е слабо радиоактивен метал од групата актиниди, со атомски број 90. Откриен е во 19 век и именуван по нордискиот бог на громот, Тор. Природно се наоѓа во Земјината кора, често во рудите заедно со ретките земјени елементи. Ториумот се користи како алтернативно нуклеарно гориво бидејќи има неколку предности во однос на ураниумот:
Поголема достапност – Ториумот е околу три пати повеќе застапен во Земјината кора од ураниумот.
Помалку радиоактивен отпад – Реакторите на ториум произведуваат значително помалку долготраен нуклеарен отпад во споредба со конвенционалните реактори кои користат ураниум.
Поголема безбедност – Реакторите со ториум се поотпорни на нуклеарни катастрофи бидејќи процесот на согорување на ториумот не може да предизвика неконтролирана верижна реакција.
Помалку опасност од нуклеарно оружје – За разлика од ураниумот и плутониумот, ториумот е помала веројатно да се користи за производство на нуклеарно оружје.
Како се користи ториумот во енергетиката?
Ториумот не може да се користи директно како гориво во нуклеарните реактори. Наместо тоа, во реакторите со растопена сол или во реакторите со течен флуорид на ториум (LFTR), ториумот прво се претвора во ураниум-233, кој потоа служи како гориво за производство на енергија.
Овие реактори користат стопени соли наместо вода како медиум за ладење, што ги прави неспоредливо постабилни и поефикасни од конвенционалните нуклеарни централи.