Кина денеска назначи нов трговски преговарач поради царинскиот спор со САД, во кој двете најголеми светски економии меѓусебно ги зголемуваат царините за увоз.
Кинеската влада објави дека Ли Ченганг ќе го замени Ванг Шоувен, кој учествуваше во преговорите за трговскиот договор на двете земји во 2020 година.
Кина во моментов се соочува со царини од 145 отсто за извозот во САД, а администрацијата на претседателот Доналд Трамп им даде на десетици други земји 90-дневно одложување од новите царини.
Пекинг одговори со царини од 125 отсто на американскиот увоз и нагласи дека е решен да ги задржи своите пазари отворени за трговија и инвестиции.
Кинеската влада денеска објави и дека нејзината економија, поддржана од силниот извоз, пораснала за 5,4 отсто во првите три месеци од оваа година.
Експертите предвидуваат дека кинеската економија, втора по големина во светот, значително ќе ослабне во следните месеци по стапувањето на сила на американските царини.
Официјални лица велат дека Кина има повеќе опции да одговори на одлуките на САД, вклучително и поголемо потпирање на сопствениот и европскиот пазар, како и пазарите во земјите на глобалниот југ.
Кина, исто така, одговори на американските царини со зголемување на контролата на извозот на ретки минерали, како и на материјалите што се користат во високотехнолошки производи и делови за авиони.
Пред да биде назначен за трговски преговарач, Ли служеше како амбасадор на Кина во Светската трговска организација (СТО), на што Пекинг се жалеше во тарифниот спор со САД.
Ли исто така служеше како заменик постојан претставник на кинеската делегација во канцеларијата на Обединетите нации во Женева, како и во други меѓународни организации во Швајцарија.