Кина ќе обезбеди 13,77 милиони долари помош за Мјанмар по земјотресот со јачина од 7,7 степени според Рихтеровата скала што ја погоди земјата, соопшти кинеската амбасада во Мјанмар.
Во соопштението се вели дека помошта ќе вклучува шатори, ќебиња, комплети за итна медицинска помош, храна и вода.
Најавено е дека испораките на прва помош ќе пристигнат во понеделник, објави „Скај њуз“.
Кинески спасувачки тим веќе пристигна во поранешниот главен град на Мјанмар, Јангон.
Кинескиот претседател Си Џинпинг преку телефон му изрази сочувство на лидерот на Мјанмар Мин Аунг Хлаинг за жртвите од земјотресот.
Бројот на загинати во земјотресот со јачина од 7,7 степени според Рихтеровата скала што го погоди Мјанмар надмина 1.002, а повеќе од 2.376 лица се повредени, соопшти тамошната војска.
Уште 30 лица се водат како исчезнати, а спасувачките операции се во тек, јави Ксинхуа, пренесува Танјуг.
Земјотресот го погоди Мјанмар во петокот околу 12:50 часот по локално време, а епицентарот се наоѓа на околу 16 километри од Мандалај, вториот по големина град во земјата.