Кина го егзекутира мажот кој смртно избоде 10-годишно јапонско момче

70

Кина погуби маж за убиство на десетгодишно јапонско момче во септември минатата година, соопшти јапонската амбасада во Пекинг, јавува Би-би-си. Жонг Чангчун беше осуден на смрт во јануари, откако избоде момче кое одеше кон јапонско училиште во југоисточниот кинески град Шенжен.

Тој случај ги потресе двете земји и дополнително ги подигна дипломатските тензии, со сомневање дека станува збор за ксенофобичен напад.

„Јапонската влада го смета убиството на целосно невино дете за непростливо злосторство и го сфаќа ова погубување со најголема сериозност“, се вели во соопштението на јапонската амбасада за Би-би-си.

„Поради овој инцидент, јапонската влада ќе продолжи да ги презема сите можни безбедносни мерки и силно ќе ја повика кинеската страна да ја обезбеди безбедноста на јапонските граѓани во Кина“, додаваат оттаму и појаснуваат дека за егзекуцијата биле информирани од кинеското Министерство за надворешни работи.

Нападот предизвика страв кај јапонската заедница во Кина, а некои јапонски компании, вклучително и Тојота, ги повикаа вработените да бидат внимателни. Панасоник им понуди на вработените бесплатни летови до дома. Во пресудата за случајот Жонг, според јапонските власти, не се споменува Јапонија.

Јапонскиот амбасадор во Кина, Кенџи Канасуги, рече дека Жонг побарал да разговара со семејството на жртвата, но не кажа дали момчето било цел бидејќи е Јапонец.

Инцидентот фрли дополнително светло на се поизразениот нетолерантен национализам на кинеските социјални мрежи, кој во последниве години поттикна антистрански чувства.

ИЗДВОЕНИ