EPA-EFE/ANNA SZILAGYI

Џошуа Кимих (29) очигледно летово ќе го напушти Баерн од Минхен откако одби да го продолжи договорот. За него се заинтересирани неколку европски гиганти, како  Барселона и Реал Мадрид, но сега во целата приказна се приклучи и Манчестер Сити.

Барселона покажа голем интерес за Кимих, а Каталонците се надеваа дека со доаѓањето на Ханси Флик на тренерската позиција може да им помогне да го завршат трансферот, но работите се искомплицираа.

Иако се чинеше дека Барселона и Реал ќе ја водат главната битка околу Кимих, сепак на крајот во приказната се вклучи клубот кој на крајот може да го „украде“.

Имено, во последно време многу се пишуваше за тоа дека Пеп Гвардиола им порачал на челниците на Манчестер Сити да се обидат да го доведат Кимих и дека Германецот би бил одлично засилување за нив.

Јасно е дека парите не се проблем за Сити, а она што им дава дополнителна предност е што Гвардиола и Кимих веќе соработуваа во Баерн и дека имаат одлични односи.

Англиските медиуми веќе на големо пишуваат за тоа дека Кимих сега е најзаинтересиран за понудата на Сити и повторната соработка со Гвардиола, а наводно Пеп лично го контактирал, што очигледно било пресудно.

Германскиот фудбалер го бараат и одредени клубови и од Саудиска Арабија кои му нудат огромни пари за договор, но тој веќе ја отфрли опцијата за напуштање на Европа.

Кимих порасна во Штутгарт, а во Баерн пристигна во летото 2015 година за 8,5 милиони евра, што беше полн погодок за клубот од Алијанц Арената, а уште тогаш Гвардиола беше тој што инсистираше на негов трансфер. Тој во претходните девет години одигра 390 натпревари во дресот на Баерн, постигна 42 гола и забележа 104 асистенции, а со германскиот гигант освои сè што можеше, па време е за нова авантура.