Во рамките на ESG Adria Summit 2025, што се одржува во Тиват, Република Црна Гора, министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска, заедно со директорот за финансии на АД ЕСМ, Иван Стојановски, оствари работна средба со Клаус Милер, директор на КфВ банка за Југоисточна Европа и Турција.

Средбата беше фокусирана на напредокот и понатамошната реализација на неколку стратешки проекти: втората фаза од ветерниот парк Богданци, фотонапонската електрана „Битола 2“, како и третата фаза од ревитализацијата на големите хидроелектрани.

– Овие проекти не само што го зголемуваат домашното производство на електрична енергија, туку и го зајакнуваат целиот енергетски систем на државата. Партнерството со КфВ банката е значаен поттик за трансформацијата кон одржлива енергетика – истакна министерката Божиновска.

Посебно внимание беше посветено на нови иницијативи за техничка помош насочена кон унапредување на интерните капацитети на АД ЕСМ, за среднорочно и стратешко планирање, со акцент на инвестициските проекти,

КфВ банката потврди дека останува стратешки партнер и дека ќе продолжи со поддршка за нови проекти, меѓу кои се и фотонапонската електрана „Битола 3“ и други инвестиции во обновливи извори на енергија.

Проектите што се реализираат со поддршка од КфВ директно придонесуваат за збогатување на портфолиото од обновливи извори на енергија во Република Македонија, како и за долгорочна енергетска стабилност и сигурност.

Министерката Божиновска говореше и за искуствата на Македонија и новиот модел на поддршка што земјата го воведува за привлекување инвестиции во обновливи извори.

– Во изминатите години, Македонија имаше ограничен успех со системите на фид-ин тарифи и премии, поради кои државата плаќаше високи субвенции, често над пазарната цена. Енергетската криза дополнително ги покажа слабостите на ваквиот модел – дел од електраните се откажаа од привилегираниот статус за да можат да продаваат струја на слободниот пазар – рече Божиновска и во однос на плановите за нови аукции таа истакна дека во соработка со ЕБОР се прави детална регулаторна и финансиска анализа за воведување ЦфД-аукции кои ќе се спроведуваат транспарентно и ќе овозможат директна конкуренција меѓу инвеститорите.

ИЗДВОЕНИ