Иако 59 проценти од Македонците имаат платежни картички, а 43 отсто од нив ги користат, сепак плаќањето во готовина останува доминантно при онлајн нарачките. Според анкетата, која ја спроведе Асоцијацијата за е-трговија, 72,5 проценти од е-трговците во Македонија истакнале дека готовината при достава е доминантен метод на плаќање за нивните клиенти, а 82,5% одговориле дека токму клиентите ја претпочитаат оваа опција.
– Клучни причини за оваа доминација според анкетираните е-трговци се: недовербата во онлајн продавниците, стравот дека нарачаните производи нема да бидат доставени, како и чувство на сигурност при плаќање со готовина. Дополнително, навиките и недоволните дигитални вештини за користење на картички играат значајна улога во популарноста на ќеш плаќањата – е нотирано во анкетата на Асоцијацијата за е-трговија.
И покрај тоа, 62,5 проценти од е-трговците изјавиле дека плаќањето со картички е покорисно за нивниот бизнис, а 45 отсто од нив активно го промовираат користењето на картички.
– Плаќањето со готовина од друга страна, создава големи неефикасности за е-трговците, како што се неуспешни испораки, зголемени оперативни трошоци и ризик од неформални економски практики – велат од Асоцијацијата за е-трговија.
Народната банка во новите податоците за платежната статистика за трите квартали од 2024 година, посочува на значителен годишен раст кај бројот и вредноста на платежните трансакции на граѓаните во трговијата во земјата.
– Вкупните трансакции со картички во земјата и во странство издадени од домашните и странски даватели на платежните услуги, пораснале за 11,3 проценти по број и за 13,6 проценти по вредност – велат од Народната банка.
Со платежните картички во трите квартали од минатата година биле направени трансакции од 522,5 милиони евра што преставува 9,1 процент од вкупните трансакции и е раст од 7,5 насто во однос на истиот период 2023 година.
– При тоа овој пораст се должи во главно на растот на вредноста на трансакциите направени во странство од домашни иматели на платежни картички кој изнесува 39,7 проценти. Вредноста на направените трансакции кон домашни е-трговци забележува пад од 6,7 отсто – посочуваат од Народната банка.
Ако се направи анализа на е-трговијата во другите земји од Западен Балкан, може да се забележи дека слична е состојбата како кај нас со плаќањето во готовина. Така, во Косово изнесува 85%, во Албанија 75% и во Србија 71%. Полоша е состојбата во Албанија, каде што само 8% од популацијата ги користи платежните картички, како и во Косово (21%) и Босна и Херцеговина (23%). Во Србија состојбата е најдобра со 62% иматели на платежни картички и 47% нивно користење. За споредба, во земји како Австрија и Данска готовината речиси и да не се користат.
Исто така, користењето на мобилните телефони за плаќање е на ниско ниво. И покрај тоа што регионот е технолошки добро опремен – мобилната пенетрација е висока, со 95% од жителите во Македонија, Србија, Косово и Босна и Херцеговина кои поседуваат мобилен телефон, употребата на мобилни телефони за финансиски трансакции останува ниска – во Македонија само 36% од корисниците на финансиски услуги ги користат мобилните уреди за плаќања.
(С.Бл.)